Се огласи Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција по приведувањата на неколкумината , меѓу кои и Поранешниот директор на Царинската управа и поранешен градоначалник на Карпош Стефан Богоев, Обвинителствот постапи по кривична пријава според која Богоев заедно со поранешен помошник директор и уште две физички и едно правно лице се сомничат дека во период од јули 2023 до март 2024 година местеле тендер за чистење на гранични премини и терминали. Со тоа на фирмата и овозможиле да се стекне со противправна имотна корист во износ од околу 300 000 евра. Дополнително Богоев за местењето на тендерот земал поткуп од 1800 евра.
ОЈО ГОКК: Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката. Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание.
Од Управата за финансиска полиција спделуваат детали за кацијата и за причините
Финансиска полиција: Пријавениот А.С. со искористување на своето реално влијание, општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал и влијаел да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши кај пријавениот С.Б. во својство на директор на Царинската управа, по што во содејство со пријавениот Д.Г., влијаеле кај пријавениот С.М. на кој непосредно му дале, ветиле подарок и корист за него како и посредно за пријавениот С.Б., за да извршат службено дејствие што не би смеело да го извршат, за што пријавениот С.Б., во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година, директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С.М.
Премиерот Христијан Мицкоски пак во однос на истрагата од ОЈО ГОКК и финансиската полиција рече дека истата ќе се прошири.
Христијан Мицкоски, премиер: Се работи за лице кое e поранешен градоначалник на општина и поранешен директор на јавна институција, во случајот на Царинската управа. Се работи за неколку вработени во рамките на оваа институција и за лице кое, како да се изразам, не знам, немам соодветни квалификации, но беше многу близок до претходната влада и било лице кое често пати ги олеснувало овие, условно кажано, дејствија кои се исполнети со многу незаконитости, или, народски кажано, посредник. Значи, од информациите што ги имам, ова ќе се прошири.
Лидерот на опозициската СДСМ, матичната партија на Стефан Богоев рече дека засега нема да ја коментираат истрагата а пертходно испратија соопштение во кое кажаа дека ова е монтиран случај токму за време на посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта
Венко Филипче, лидер на СДСМ: Тоа се нашите информации дека е приведен и дава изјави. Јас не би сакал да коментирам сега во оваа фаза бидејќи нашите ставови сме ги кажале не сакам да коментирам обвинители, судии и судства. Не сакам да ги имам манирите на Христијан Мицкоски тоа не се добри манири, да почемае нека кажат институциите па ќе го кажеме нашиот став.
Осомничените се изведени пред судија на претходна постапка и ОЈО ГОКК за бара притвор, пренесува Телевизија24








