Македонија во следните неколку недели ќе добие пет нови авиолинии од аеродромите во Скопје и Охрид, со што дополнително ќе се прошири мрежата на воздушни врски со европските дестинации, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој истакна дека земјата е меѓу ретките во Европа што воведува нови авиолинии во период кога глобалната авиоиндустрија се соочува со сериозни предизвици.
Една од новите линии ќе биде меѓу Виена и Охрид, а летовите ќе ги реализира австриската авиокомпанија „Австриан ерлајнс“. Според Николоски, оваа врска ќе овозможи подобра поврзаност на Охрид со бројни европски и прекуокеански дестинации преку австриската престолнина.
Воедно, „Виз ер“ ќе воведе уште две нови линии до Охрид, од полските градови Краков и Вроцлав. Се очекува овие летови да придонесат за зголемен број туристи од Полска и дополнителна промоција на Охрид како туристичка дестинација.
Нови дестинации добива и Меѓународниот аеродром Скопје, од каде ќе се воспостават директни летови до Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија. Летовите ќе бидат достапни и надвор од летната сезона.
Николоски нагласи дека Македонија има значајна улога и во регионалниот воздушен сообраќај преку снабдувањето со авионско гориво. Тој посочи дека скопскиот аеродром целосно го снабдува аеродромот во Приштина со керозин, а делумно и аеродромот во Ниш, што, според него, е доказ за добрата инфраструктура и логистички капацитети на земјата.








