Вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Владата, Александар Николоски на денешната панел дискусија “Раст на економијата- економска сигурност на граѓаните” изјави дека градежниот сектор во Македонија бележи значителен раст, што според него е показател за засилена инфраструктурна активност и нов инвестициски циклус во државата.
Според него, статистиката покажува јасен позитивен тренд во секторот. Во четвртиот квартал од 2025 година градежништвото пораснало за 14,6 проценти, додека во третиот квартал растот изнесувал 21 процент, што претставува сериозен двоцифрен раст.
Николоски посочи дека првиот фактор за растот е приватниот сектор, кој се охрабрил да инвестира благодарение на поволните услови за финансирање.
„Првиот фактор е приватниот сектор кој се охрабри да инвестира, заедно со поволните каматни стапки кои што ги добија преку линијата кредити обезбедена во соработка со Унгарија“, истакна тој.
Како втор фактор, вицепремиерот го посочи активирањето на општините во реализација на инфраструктурни проекти.
Според него, голем број општини започнале проекти со поддршка од Владата, но и со сопствени средства.
„Вториот фактор е задвижувањето на општините, кои што со дотации од Владата но и со сопствени средства влегоа во голем број инфраструктурни проекти, што многу значат за развојот на локалната економија, но исто така и за развојот на малите и средни претпријатија“, нагласи Николоски.
Третиот клучен фактор, според Николоски, се големите државни инфраструктурни проекти, кои се реализираат низ целата држава.
Тој посочи дека паралелно се работи на неколку големи автопатски делници.
„Прво е изградбата на автопатиштата, каде што паралелно се гради автопатот од Охрид до Кичево, проект кој што беше заборавен и не постоеше пред изборот на оваа Влада. Во втората половина од 2024 година ги правевме припремите, 2025 цела година се работеше и веќе се изградени 37 километри, се возат 34 километри, а останува да се изградат уште 21 километри оваа година“, изјави Николоски.
Покрај оваа делница, активни се и други автопатски проекти:
автопат Тетово – Гостивар
автопат Гостивар – Букојчани
автопат Прилеп – Битола
Тој потенцира дека иако договорот за овие проекти бил потпишан во 2023 година, нивната реална реализација започнала со оваа влада.
Според него, во моментов има околу 50 проценти прогрес во пробивањето на трасите на трите автопати.
Николоски информираше дека започнала и изградбата на првата линија на градскиот воз во Скопје, која ќе се движи од Зелениково до центарот на градот.
Иако инвестицијата не е голема во споредба со автопатите, таа има стратешко значење.
„Некој ќе рече не е голема инвестиција, но вредноста е 6 милиони евра. Со тоа што развиваме сектор во градежништвото кој бил заборавен повеќе од 30 години, ќе поттикнеме многу претпријатија да инвестираат“, рече Николоски.
Тој најави и нови локални инфраструктурни проекти, кои се реализираат во соработка со Министерството за земјоделие.
Еден од нив е новото вештачко езеро во Гевгелија, кое ќе биде прв ваков проект по подолг временски период.
Според Николоски, езерото првенствено ќе се користи за наводнување на земјоделските површини, но во иднина постои можност и за производство на електрична енергија.
Паралелно се работи и на браната Отиња кај Штип, која има значителен напредок во изградбата.
„Очекувам следна година да биде готово и да се полни со вода“, изјави Николоски.
Браната, според најавите, ќе има рекреативна намена, но и ќе придонесе за подобрување на локалната инфраструктура.
Очекувања за продолжување на растот
Вицепремиерот нагласи дека токму овие големи капитални проекти придонесуваат за двоцифрен раст на градежништвото.
Тој изрази очекување дека позитивниот тренд ќе продолжи и во текот на оваа година, со нови инвестиции и засилена активност во секторот.








