домаМакедонија„Насилството секогаш ескалира кога се игнорира“: М-р психолог Розалија Секулоска за Женски...

„Насилството секогаш ескалира кога се игнорира“: М-р психолог Розалија Секулоска за Женски магазин по трагедијата во Скопје

- Advertisement -spot_img

„Ниту едно насилство не смее да се премолчи“ – стручно предупредување по трагедијата во Скопје

Трагедијата во Скопје, во која животот го загубија мајка и нејзината шестгодишна ќерка, повторно го отвори прашањето: зошто жртвите остануваат во насилна врска и по повеќекратни пријави? И што се случува во психата на жената кога со години живее под закана?

Според м-р психолог и психотерапевт Розалија Секулоска, одговорот не е едноставен, но е болен.

Шок, негирање и „има и полошо“
– Кога ќе се случи првиот напад – психолошки, физички или економски – жртвата често е во состојба на шок. Не може да поверува што се случило и почнува да ги преиспитува околностите. Наместо да го препознае насилството, таа го рационализира, го потиснува или негира – објаснува Секулоска за Женски магазин.

Под притисок од средината, од страв „што ќе кажат другите“, но и од сопствената пресметка што добива, а што губи ако замине, жената често носи ирационална одлука – да остане.

– Во тој момент влегува во т.н. Картманов триаголник – несвесна игра во која партнерите постојано ги менуваат улогите на жртва, прогонител и спасител. Тоа ја одржува токсичната динамика – посочува таа.

Насилството ја разјадува личноста
Долготрајното семејно насилство, според психологот, длабоко ја менува психичката состојба на жената.

– Самодовербата паѓа, анксиозноста и депресијата растат, прагот на толеранција се намалува. Жената живее во постојан грч и неизвесност – што ќе се случи денес? Чувството на безбедност и базична доверба се нарушени. Страда и менталното и физичкото здравје – вели Секулоска.

Во таква состојба, одлуките не се носат од позиција на сила, туку од позиција на страв и исцрпеност.

Ниту едно насилство не смее да се игнорира

На прашањето кои се „црвените знаци“ дека насилството може да ескалира, Секулоска е категорична:

– Ниту едно насилство не е оправдано и ниту едно не смее да се игнорира. Никогаш не сме сигурни кога ќе премине во убиство или самоубиство.

Затоа, најважниот чекор е заштитата: физичко оддалечување од агресорот, сместување во безбедна средина и работа со стручно лице.

Децата – тивки жртви
Семејното насилство не ја уништува само жената. Децата, без разлика дали се директни сведоци или само ја чувствуваат напнатоста и стравот во домот, длабоко страдаат.

– Тие учат да бидат идни жртви или идни агресори. Се намалува концентрацијата и училишниот успех, може да станат повлечени и изолирани, или, спротивно, агресивни и девијантни. Тоа е начин на справување со чувства за кои немаат зрелост да ги обработат – објаснува психологот.

Излезот е можен – но бара храброст и систем
Истражувањата покажуваат дека жртвите во просек седум пати се враќаат кај агресорот, поради потребата да ја „поправат“ динамиката на односот.

– Колку побрзо сфатат дека насилството нема оправдување и излезат од тој триаголник, толку се поголеми шансите за закрепнување – нагласува Секулоска.

Трагедијата во Скопје не е само индивидуална судбина. Таа е потсетник дека насилството не почнува со смрт – туку со првиот удар, првата закана, првото игнорирање.

И секој пропуштен сигнал може да значи изгубен живот.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img