На Скопје му недостигаат 171 пожарникари, предупреди командантот на противпожарната бригада, Ѕвонко Томевски. Според законските стандари, главниот град треба да има 384 а сега располага со 213 пожарникари.
„Недостигот на вработени е хроничен. Сега последната генерација има 20 нови вработени на кои им претстои преквалификација и обука. Потребата од дополнување ќе тече во текот на целата година. Така да, очекувам да дојдеме до некој оптимум за да бидеме ефикасни“, нагласи Ѕвонко Томевски, командант на противпожарна бригада на Град Скопје.
Но, недостигаат и возила, а дополнителен проблем е и тоа што дел од нив се стари повеќе години. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека дел од противпожарната опрема веќе е обновена. Набавено е едно ново противпожарно возило и две цистерни што веќе се користат. Тој соопшти и дека е формиран противпожарен кризен штаб кој ќе координира со институциите и службите при евентуални летни пожари.
„Кризниот штаб ќе делува на региони со цел во секое време да бидеме подготвени, ако се случи пожар да се знае кој и каде да интервенира. Мислам дека така ќе бидеме многу повеќе подготвени“, смета Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.
Покрај проблемите со кои се соочуваат пожарникарите, денешниот настан по повод денот на пожарникарите беше одбележан и со емотивен момент, кога пожарникар ја запроси својата девојка.
Инаку годинава се одбележуваат 190 години од формирањето на првата противпожарна единица во Македонија.








