„Нели е грев да оставите на цедило такви луѓе, нека се и пет дена, а веќе се десет дена“, изјави Борче Грозданов, новинар и театарски критичар.
Со солзи во очите и разочараност во системот Борче Грозданов ја раскажа состојбата во која се наоѓа тој и неговата мајка која исто така е неподвижна. Вели дека надлежните институции ги оставиле без неговател за мајка му, но и помал број часови во денот во кои личниот асистент треба да биде со него. Наместо 4 часа, сега се три часа во денот. Тој еден час ни беше за „дружба вон служба“, вели Борче Грозданов, новинар и театарски критичар.
-Што Ви е подеднакво важно како и грижата?
-Можеби и не е претерување ако кажам дека тоа ми е многу поважно да си направам со човекот муабет отколку она што му е официјалната служба.
Личниот асистент бил тука за мене и во денови кога тоа не му било обврска и не можам тоа да не го ценам, вели Грозданов кој последниве 16 години се соочува со тешка трајна инвалидност.
„Фактички ми кратат една гранка на која колку толку седам. Ова го зборувам пред се од социолошки аспект. Па нели ние сме социјална држава?! Ако сме тоа прво на тоа да се гледа, а не прво по нас да се удира. Мене ми е лично страв, дај Боже да грешам, да не се одолжи ова“, објаснува Грозданов.
Не сме само јас и мајка ми вели тој, свесен сум колку луѓе во земјава се соочуваат со ваков проблем.Ставот на Министерството за социјална политика, демографија и млади дека проценката за обемот (часови) на услуга лична асистенција стручните лица при месно надлежните центри за социјална работа не ја вршат врз основа на медицинска документација, туку врз основа на реалните секојдневни потреби на корисникот, неговата функционалност и независност, но и поддршката што лицето ја има од семејството. Во меѓувреме се работи на надминување и на проблемот со кој се соочува мајката на Грозданов и што поскоро да добие негувател.
„Управниот договор за обезбедување на услугата беше склучен на определен временски период и истиот истече на 12 мај 2026 година, согласно важноста на решението за лиценцирање на давателот на услугата (12.05.2026). Постапката за обновување на лиценцата не беше завршена навремено, поради недоставување на целокупната потребна документација од страна на давателот на услугата, согласно законските и подзаконските прописи“, соопштуваат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Во однос на негувателите надлежниот центар за социјални работи ќе постапува по сите поднесени барања од корисниците во согласност со овластените даватели на социјални услуги кои имаат капацитет за давање на услугата, со цел да се обезбеди непречено користење на истата.








