Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави денес воведе санкции против девет либански лица за наводна поддршка на либанското милитантно движење Хезболах и попречување на мировниот процес во таа земја, додека Вашингтон продолжува со дипломатските напори во врска со односите Либан-Израел.
Санкциите беа воведени против лица обвинети за помагање на Хезболах и поткопување на суверенитетот на Либан, вклучувајќи тројца политичари поврзани со движењето Амал, како и еден член на либанските вооружени сили, објави „Ал Џезира“.
Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, рече дека мерките се предупредување за политичките, деловните и безбедносните елити во Либан. „Пораката во основа е дека ако сте во политиката, бизнисот или безбедноста и му помагате на Хезболах, а воедно го поткопувате суверенитетот на либанската влада, треба внимателно да размислите, бидејќи последиците ќе бидат сериозни“, изјави Пигот за Ал Џезира.
Тој рече дека потегот на Вашингтон бил да ги поддржи властите во Бејрут и да дозволи разговорите меѓу Либан и Израел да продолжат. „Ние сме фокусирани на создавање простор за искрени разговори меѓу владата на Израел и владата на Либан“, рече Пигот, тврдејќи дека Хезболах се обидува да ги спречи тие разговори, пренесува „Танјуг“.








