Денес и официјално беше промовиран Марјан Србиновски за нов тренер на КК Соколи од Штип, а клубот од градот под Исарот е пред можноста да игра и во Супер лигата односно во кошаркарската елита на Македонија.
„На денешната прес-конференција ќе го промовираме и новиот тренер на КК Соколи, за јавноста добро познатиот поранешен репрезентативец, селектор, Марјан Србиновски кој на мое лично, а верувам на задоволство и на штипската јавноста ќе ги води штипските кошаркари и кошаркарскиот клуб кој годинава верувам дека ќе настапува во Супер лигата, а со тоа ќе има можност за одлична промоција во новата спортска сала „Џексон“ на кошарката. Имаме чувство дека во минатите години многу малку се направи за промоција и развојот на кошаркарата, Штип е град на спортот и верувам дека со овие чекори кои ги превземаме како локална самоуправа ќе дадеме се од себе за да го трасираме патот на младите генерации кон спортот“, вели Јорданов.
Новиот тренер активно работи на формирањето на ростерот, вели дека неговите амбиции се поклопиле со амбициите на клубот и лесно постигнале договор со градоначалникот, потенцирајќи дека ќе има и тројца странски засилувања.
„Уште на првиот состанок ми беа презентирани амбициите, планот за развој, како инфраструктурата односно новата сала која морам да ја пофалам е една од најмодерните од овој тим во нашата држава. Амбициите на клубот се поклопија со моите амбиции и лесно дојдовме до договор со градоначалникот. Ние чекаме официјално да бидеме промовирани во суперлигаши, во тој правец и ја спремаме екипата. Нема голем број на квалитетни македонски играчи на пазарот, но правиме напори за што подобар ростер за буџетот кој е испланиран исто така планираме да доведеме и три странски засилувања“, рече Србиновски.
Откако КК Чаир не доби лиценца, КФМ отвора повик за учество во Супер лигата, а на кој повик ќе аплицира и КК Соколи, а клубот од Штип во иднина ќе функционира како акционерско друштво формирано од страна на општина Штип.
„Онаа кое што ќе следува како чекори кои ќе бидат превземани, админитративно ќе биде формирано од страна на општина, акционерско друштво и на повикот на КФМ ќе се аплицира за да добиеме влез во Супер лигата“, рече Јорданов.
Целта ќе биде да се избори опстанок во Супер лигата, но и да се привлечат млади деца кон овој спорт.
„Нашите амбиции ќе бидат такви во Супер лигата да прикажеме добра кошарка и да останаме во лигата и да привлечеме многу млади деца коишто ќе претставуваат иднина на кошарката во Штип. КК Соколи преминува на едно повисоко ниво со формирањето на АД од страна на општината сите права и обврски, спортски и останати че бидат пренесени со договор на новото акционерско друштво“, рече Здравков.
КК Соколи е подготвен за Супер лига, сега ќе се чека одлука од „Куќата на кошарката“.
„Ние веќе поднесовме уводна пријава дека сме заинтересирани настап во Супер лигата од денес почнува тој рок и ги чекаме само условите кои што ќе ги пропише федерацијата за да ги поднесеме сите документи“, дополни Здравков.
Инаку, Србиновски е поранешен репрезентативец кој низ неговата кариера настапуваше за Гостивар, МЗТ Аеродром, Никол Ферт, Жито Вардар, Работнички, Куманово, Здравље Лесковац, Фаворити и Карпош Соколи, а како тренер работеше во Работнички, ги водеше и Торус, Кожув, Куманово и Гостивар, а новиот предводник на Соколи е поранешен селектор на македонската кошаркарската репрезентација.






