Пред неполн месец, пејачот Стефан Величковски, поранешната македонска ѕвезда од шоуто „Ѕвездите на Гранд“ ја освои публиката со нежната балада „Имам сè“, а сега, како што вети, еве го, со новата песна.
Овој пат, песната е вистински летна, разиграна, весела, полна со ритам и со срцепарателни стихови, кои ја опишуваат емоцијата на разделбата, кога едниот заминува со карта во еден правец в џеб во некој друг свет. Само копнежот ја „сече“ душата како жилет. За тоа зборуваат стиховите од песната „Карта“, во кои одново се преплетува „семејната хармонија“ на пејачот со авторот на текстот, неговата сопруга – ТВ-водителката Ана Николовска-Величковски, која заедно со Стефан е и коавтор на музика, додека зад аранжманот стои потписот на Иле Спасев.Во прашање е поп-песна со реге-звук, сега омилен на естрадата. Налик на големите светски хитови од средината на 90-тите како што беа „ Coco Jumbo“ на Mr. President или „All that she want“ на „Ace of Base“. Овој реге и поп-ритам, заедно со певливиот вокал, како е рецепт за летна атмосфера и од првото слушање влегува во уши со гаранција дека ќе биде и составен дел од програмите на летните клубови, кафулиња, дискотеки…. до почетокот на октомври, можеби и понатаму?
Песната „Карта“ има и видеоспот за кој Величковски не ја менувал екипата. Тука е пак „Индустријал медија“ на Драган Ристовски. Во спотот, покрај Стефан Величковски, настапуваат и девојките од танчарското студио “Ka-Dance“ кои танцуваат на интересна кореографија на Катерина Стојковска. (Д. М.)






