Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, Македонија има највисока стапка на инциденца на западнонилска треска во Европа, рече советничката од СДСМ во Советот на Град Скопје, Катерина Цаневска-Арсовска.
Таа посочи дека бројот на заболени и починати во последните месеци е особено загрижувачки, имајќи предвид дека во изминатите 15 години бројките биле пониски.
„За справување со опасноста која ги плаши скопјани, справувањето со западнонилската треска – чиста единица. А единица имаме и на европско ниво според податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, имаме највисока стапка на инциденца на западнонилска во Европа. Сите изминати 15 години имаме помалку заболени и починати, отколку последниве месеци. Кој ја менаџира кризата тука во Скопје?“, праша Цаневска-Арсовска.
Таа посочи дека граѓаните не ги интересираат политичките препукувања, туку сакаат да знаат зошто системот не реагирал навреме и дали преземените мерки биле соодветни и ефикасни.
„Граѓаните не ги интересираат политичките препукувања, туку зошто системот не реагираше навреме. Не да се фалите колкупати сте прскале и дека пожртвувано, вака стоеше во ПР објавата, ‘додека скопјани спијат, вработените се на работа и прскаат против комарци’, туку со што и дали средството беше соодветно и ефикасно. Од базени и канализации, до застоена вода и вазни на гробиштата, гаврани и кокошки, но одговорноста никако да се најде. Граѓаните не бараат изговори. Бараат навремена реакција, јасни информации и одговорност“, порача советничката од СДСМ.
Го праша градоначалникот на Скопје, Орце Георгиевски, и како е можно епидемија на западнонилска треска да биде прогласена во пет од десетте скопски општини, додека во останатите пет тоа не е случај.
„И она што не ни е јасно, како е можно во 5 од 10 скопски општини да биде прогласена епидемија на западнонилска треска, а во другите пет? Им забранивте на комарците да дојдат без соодветна лична карта во други општини? И еве има и во Центар заболени, сигурно и на други места и многу повеќе од пријавените“, рече Цаневска-Арсовска.
Таа нагласи дека со поставувањето на овие прашања не се шири паника, туку се бараат стручни одговори за преземените мерки, препаратите и препораките врз основа на кои градот постапувал.






