домаМакедонијаКоњановски: Холандските модели можат да бидат пример за развојот на Пелагонија

Коњановски: Холандските модели можат да бидат пример за развојот на Пелагонија

- Advertisement -spot_img

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, како дел од регионалната делегација на Пелагонија, оствари работна средба со градоначалникот на Хаг, Јан ван Занен, во рамки на студиската посета на Холандија организирана од „Про Локал”. Средбата беше посветена на размена на искуства за локалното управување, циркуларната економија, одржливиот урбан развој и улогата на младите во креирањето на локалните политики.

Во разговорите беше ставен акцент на современите предизвици со кои се соочуваат европските градови, управувањето со отпад, климатските промени, меѓуопштинската соработка и потребата младите да бидат активни чинители во развојот на своите заедници. Градоначалникот Ван Занен сподели и лични впечатоци од неговите посети на Македонија, посебно на Скопје и Охрид, истакнувајќи ги гостопримството на македонските граѓани и убавините на земјата.

Средбата беше дел од поширока студиска посета реализирана во рамки на проектот „ПЕЛО”, поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија преку програмата MATRA, со цел запознавање со успешни европски модели кои ги поврзуваат локалната самоуправа, младите, бизнис секторот и академската заедница во создавањето иновативни и одржливи локални заедници.

Во делегацијата учествуваа градоначалниците на Битола, Прилеп, Ресен, Новаци, Могила, Кривогаштани и Долнени, како и претседателот на Регионалната стопанска комора – Прилеп, Никола Мариноски.

Во рамки на посетата, делегацијата оствари работни средби и посети на неколку водечки центри за иновации, одржлив развој и локално управување во Холандија, каде што беше презентиран начинот на кој локалните власти, универзитетите, бизнис секторот и граѓанските организации заеднички работат на решавање на конкретни општествени и економски предизвици.

Во Хаг, делегацијата се сретна со претставници на Асоцијацијата на холандски општини (VNG) и Академијата за локално управување, каде што беше презентиран холандскиот модел на локална самоуправа, меѓуопштинска соработка и активно вклучување на младите во процесите на донесување одлуки. Посебен акцент беше ставен на начинот на кој младите се вклучуваат во креирањето на локалните политики преку директна соработка со општините, образовните институции и граѓанскиот сектор, како и на подготовката на младите за новите зелени работни места и економијата на иднината.

Делегацијата го посети и „Titaan Hub” – еден од најиновативните центри за поврзување на младите, образовните институции и компаниите. Преку конкретни примери беше прикажано како младинските идеи добиваат простор за развој, тестирање и комерцијализација во соработка со приватниот сектор, создавајќи нови производи, услуги и стартап компании. Токму овој модел беше препознаен како особено релевантен за развојот на идните иницијативи во Пелагонискиот регион, каде што задржувањето на младите и создавањето нови можности за вработување претставуваат заеднички приоритет на локалните самоуправи.

Посетата започна во Амстердам со „De Ceuvel” – еден од најпознатите европски примери за трансформација на загаден и запуштен индустриски простор во функционален центар за одржлив развој, иновации и претприемништво. Делегацијата се запозна со практичната примена на принципите на циркуларната економија и со начинот на кој локалните власти создаваат услови за граѓанските организации, експертите и младите да придонесат во обновата на урбаните средини.

Во Делфт, делегацијата го посети Техничкиот универзитет Делфт, еден од најреномираните технички универзитети во Европа, како и „The Green Village” – уникатна лабораторија на отворено каде што истражувачи, студенти, компании и локални власти заеднички развиваат и тестираат решенија за справување со климатските промени и изградба на поодржлива инфраструктура.

Презентираните решенија опфатија иновативни градежни материјали, енергетски ефикасни системи за греење и ладење, употреба на алтернативни извори на енергија, како и нови пристапи во проектирањето на јавната инфраструктура. За градоначалниците, овие искуства беа особено значајни бидејќи покажуваат како локалните самоуправи можат да соработуваат со академската заедница и бизнис секторот во креирањето поодржливи и поотпорни градови, подготвени да одговорат на предизвиците на климатските промени.

Една од најсилните пораки што произлезе од посетата е дека успешните политики за одржлив развој не се резултат на активности на една институција, туку на партнерство помеѓу локалната самоуправа, младите, образовните институции, бизнис секторот и граѓанските организации. Токму ваквиот модел на соработка претставува важна насока за идниот развој на Битола и Пелагонискиот регион.

Студиската посета овозможи нови контакти, размена на искуства и отворање можности за идна соработка со холандски институции, универзитети и иновациски центри, со цел добрите практики и успешните модели постепено да се прилагодат и применат во локалниот контекст.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img