Не е направено ништо околу Уставните измени, судството има одреден прогрес но клучните проблеми остануваат- независноста и финансисата автономија, случаите на висока корупција се одложуваат -нема напредок во борбата против корупцијата. Што се содржи извештајот за прогресот на земјите кандидати за влез во ЕУ? Вечерва во Топ Тема со Марија Мирчевска од Институтот за Демократија, Слаѓана Тасева почесен претседател на Транспаренси Интернешнал, а од Брисел се вклучија Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот Центар за меѓународна соработка и Ана Марија Велиновска Институт за демократија.
Борбата против корупцијата е втора година по ред без напредок, во делот на слободата на изразување имаме никаков напредок одбележано од страна комисијата. Сакам да нагласам дека без разлика на тоа дека овие извештаи доаѓаат со одредени скалила, сепак не треба да ги гледаме само низ призмата на проценти и бројки, туку тоа што ни се кажува за квалитетот на реформите. Усогласеноста со правото на ЕУ е една работа и ние тоа можеме да го мериме низ различни проценти. Иако процентот за усогласеност се уште го немаме и тоа е нотирано во извештајот, бидејќи се уште нема мониторинг извештај за следење на националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Но вистинскиот тест доаѓа по донесување на тие регулативи во однос на имплементацијата на истите, истакна Велиновска.
Според неа и правото на ЕУ кое ние го усвојуваме со кое се усогласуваме всушност се менува доста брзо, дури и пребрзо, па има моменти кога ние се усогласуваме со една регулатива веќе нова регулатива може и да пристигне, како што беше случајот со Законот за странски директни инвестиции, кој спаѓа во поглавјето 30.






