Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, пред самитот на НАТО закажан за 7-8 јули во Анкара.
Трамп во последните месеци го критикуваше НАТО за она што го смета за недоволна поддршка за американските акции на Блискиот Исток и постојано го доведуваше во прашање обемот на американските обврски кон алијансата.
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, минатата недела објави шестмесечен преглед на распоредувањето на американските трупи во Европа, што би можело да доведе до намалување на бројот на трупи, објави Ројтерс.
Руте, кој откако ја презеде функцијата се обидува да го зачува единството на алијансата и да одржува блиски односи со Трамп, рече дека ќе му ги пренесе на претседателот податоците за зголемениот ангажман на европските сојузници и зголемувањето на трошоците за одбрана.
„Стотици американски авиони полетаа од бази низ Европа за да ги поддржат американските операции, а сојузниците ги зголемуваат инвестициите во одбраната“, рече Руте во интервју за Фокс њуз.
Портпаролката на НАТО, Алисон Харт, изјави дека претстојниот самит ќе се фокусира на спроведување на обврските на сојузниците од минатата година, вклучувајќи зголемување на воените трошоци, зајакнување на одбранбената индустрија и континуирана поддршка за Украина.
На минатогодишниот самит, лидерите на НАТО поддржаа план земјите-членки да издвојат пет проценти од нивниот бруто домашен производ за одбрана и сродни безбедносни потреби во следната деценија.








