Технологиите на вештачката интелигенција (ВИ) имаат трансформативна улога на општествата, економиите, пазарот на труд, образованието, здравството, но овие промени не доаѓаат и без пропратните ризици. Брзите промени и рапидниот развој значи и расчекор со можностите од навремена регулатива, а последиците може да бидат застрашувачки ако не постои барем некаква етичка рамка врз која ќе се развиваат овие технологии.
Македонското општество не е исклучено од глобалните процеси и затоа треба да се следи како регулативата која ја носи Европската Унија така и пошироката светска дебата за етичка и правична употреба на ВИ. Во такви услови се создаде иницијативата Ethical AI Macedonia која ја основаа адвокатите Владимир Бошњаковски и Ангела Ангеловска.
Брзиот развој на технологиите со вештачка интелигенција го наметна и прашањето за етиката, регулативата и стандардите, особено што одредени напредни модели демонстрираа капацитети кои може да се злоупотребат. Како гледате на овие процеси и колку во македонски услови може да се говори за етичка примена на ВИ?
Бошњаковски: Бранот на вештачката интелигенција не ја одмина Македонија. Во работата со клиентите и разговорите со колегите сè почесто се среќаваме со примери за нејзина употреба: од подготовка на документи и анализа на податоци до комуникација со корисници и поддршка при деловното одлучување. Просторот за примена е значителен и во јавниот сектор, каде што ВИ може да придонесе за побрзи постапки, подобро користење на ресурсите и подостапни услуги.
Но, достапноста на технологијата не значи дека постои нејзина примена или подеднакво разбирање на нејзините можности, ограничувања и ризици. Токму затоа ја основавме Ethical AI Macedonia односно со цел да придонесеме за поширока примена преку одговорна употреба на вештачката интелигенција во Македонија.
Каков е придонесот на македонската правна мисла во паралела со европските и светските стандарди, дали можеби одредена регулатива која ја наметна ЕУ се смета за ограничување на технолошкиот и бизнис напредок или пак, е правилна насока за одржлива примена на ВИ?
Ангеловска: Како правници и истражувачи, особено нè интересира односот меѓу регулативата и иновациите. Каде е потребна законска регулатива, а каде е подобро да се остави простор за индустриски стандарди, практични насоки и флексибилност? Како да се заштитат правата и интересите на луѓето, без непотребно да се ограничат развојот и експериментирањето со новите технологии? Овие прашања се во центарот на глобална дебата со значајни економски и геополитички димензии.
Во нашата истражувачка работа анализиравме различни меѓународни пристапи. Европската Унија, преку AI Act, се определи за „хоризонтален“ пристап, кој настојува да ги опфати речиси сите области на примена на ВИ. Од друга страна, на пример, Кина и Калифорнија, пак, развиваат т.н. „вертикални“ пристапи, насочени кон конкретни технологии, начини на употреба и ризици. Американската федерална политика се определи да не воведува сеопфатна регулатива за ВИ, оставајќи повеќе простор за иновации.
Сепак, отсуството на посебен закон не значи и отсуство на насоки. Во САД постои широко развиен систем на стандарди, како оние на Националниот институт за стандарди и технологија (NIST) и IEEE. Други држави, како Индија, Обединетите Арапски Емирати и Австралија имаат објавено сопствени принципи и насоки за одговорна употреба на ВИ, а дури и Србија има усвоено свој документ. Овие инструменти им помагаат на организациите да ја користат технологијата одговорно, без секое прашање однапред да биде уредено со закон, но и без закана од санкции.
Од споредбата на овие искуства дојдовме до заклучок дека во Македонија сè уште не се создадени услови за воведување сеопфатна регулатива за ВИ. Таа би можела дополнително да ги оптовари компаниите, особено оние со ограничени капацитети за усогласување со законските обврски. Притоа, одговори на многу прашања веќе можат да се најдат во постојното законодавство, особено во прописите за заштита на личните податоци, работните односи, облигационите односи и заштитата на потрошувачите. Последно, дури и најразвиените држави сè уште бараат одговор на прашањето што точно треба да се регулира и на кој начин. Така, би било нереално да се очекува Македонија, со своите ограничени ресурси и институционални капацитети, во оваа фаза да развие соодветна сеопфатна регулаторна рамка.
Она што на Македонија сепак ѝ е насушно потребно се практични насоки за препознавање на ризиците и принципи за одговорна употреба на ВИ. Но, уште поважно, потребна ни е широка општествена дискусија за тоа како да ја користиме технологијата за поголема продуктивност и економски развој, а истовремено да не ги повредиме основните права и интереси на поединците и општеството.
Што вели практичното искуство, дали македонските компании работат со ВИ, како ја применуваат во нивните бизнис модели и колку македонското општество е подготвено за забрзана дигитализација и продор на ВИ?
Бошњаковски: Од комуникацијата со нашите клиенти гледаме импресивни примери на употреба на ВИ во македонската ИТ-индустрија, на ниво што не заостанува зад светските практики. Но, вистинскиот потенцијал на технологијата ќе се оствари кога таа ќе најде широка примена во целата економија, јавните институции и секојдневното работење на компаниите.
Не можеме да дадеме сеопфатна оценка за техничката подготвеност на македонските компании и институции, но гледаме сериозни предизвици. Во многу организации дигитализацијата е само делумна. Некои процеси се дигитализирани, други сè уште се одвиваат на хартија. Податоците се чуваат без јасна организација: нешто во хартиени архиви, нешто во облак, нешто во Excel-табела на компјутерот на некој вработен.
Подеднакво важен проблем е недоволното документирање на работните процеси. Начинот на кој се испорачува услуга, се води постапка или се извршува задача во производството често не е запишан никаде. Знаењето е во главата на некој искусен вработен, раководител или службеник. Токму податоците и документираното знаење за процесите се нафтата на ерата на вештачката интелигенција. Без нив, дури и најнапредниот систем не може да даде резултати што одговараат на реалните потреби на организацијата.
Но, покрај техничката и организациската подготвеност, постои уште еден важен аспект: разбирањето на ризиците, ограничувањата и предизвиците поврзани со употребата на ВИ. Забележуваме дека многу компании сè уште немаат јасна претстава за реалните ризици и каде се границите на одговорната употреба. Ова може да доведе до две спротивни реакции.
Од една страна, дел од компаниите и поединците пристапуваат со претерана претпазливост. Поради недоволно познавање на ризиците, ги преценуваат можните негативни последици и се воздржуваат од користење на технологијата, пропуштајќи можности за поголема продуктивност, подобри услуги и развој. Од друга страна, постојат и оние што пристапуваат со преголем ентузијазам и самодоверба, токму затоа што не ги разбираат доволно ризиците. Таквиот пристап може да им наштети на клиентите, вработените и самите компании. Поголеми контроверзии можат да ја нарушат и пошироката доверба на јавноста во ВИ.
Иако на прв поглед се спротивни, двете реакции имаат и заедничка основа и можен заеднички исход. И двете произлегуваат од недоволно разбирање на технологијата, во услови на недостиг од јасни насоки за одговорна употреба. И двете можат да го забават поширокото прифаќање на ВИ и да ги ограничат придобивките за економијата и општеството.
Токму ова е проблемот на кој сакаме да одговориме преку Ethical AI Macedonia: да поттикнеме дискусија, размена на искуства и заедничко учење за можностите и ризиците од ВИ.
Што значат принципите за одговорна употреба на ВИ, дали се тие показател за компаниите, институциите и останатите општествени фактори, на кој начин треба да се развиваат и применуваат?
Ангеловска: Како прв чекор, подготвивме и објавивме прва верзија на Принципите за одговорна употреба на вештачката интелигенција во Македонија. Тие се засноваат на меѓународни рамки и стандарди, но ги разгледуваат и домашните услови. Ова не е конечен документ. Принципите се отворени за коментари и критики од компаниите, професионалците, истражувачите и јавноста. Сакаме луѓето да ни укажат на недостатоците, да ги оспорат нашите претпоставки и да предложат подобри решенија.
Документот содржи 31 принцип, организиран во осум тематски групи, кои ги опфаќаат фундаменталните права, правичноста и еднаквоста, транспарентноста, управувањето со податоците, безбедноста, човечкиот надзор, одговорноста и локалниот контекст. Невозможно е сите да ги разгледаме овде, но би издвоиле три прашања.
Првото е процесната правичност. Кога ВИ учествува во донесување одлука што значително влијае врз нечиј живот, не е доволно резултатот да биде точен. Лицето треба да знае зошто е донесена одлуката, да може да ги оспори причините, да укаже на грешки и да побара преиспитување од човек. Ова е особено важно при автоматизирање на одлуки што задираат до права или обврски на граѓани и компании.
Второто е зачувувањето на капацитетот за човечко расудување и професионалните вештини. Според нас, ова е еден од најмалку дискутираните, а на долг рок можеби и најголемите предизвици. Веројатно со текот на времето ќе решиме многу од денешните проблеми со податоците, безбедноста и функционирањето на моделите на помалите јазици. Но, што ќе се случи со професионалното знаење ако сè поголем дел од работата ја препуштаме на ВИ? Како младите правници, лекари и инженери ќе го стекнат искуството што денес се развива преку самостојна работа и учење? И како ќе ги проверуваме резултатите од ВИ ако постепено ги изгубиме вештините потребни за тоа?
Третото е локалниот контекст. Не е доволно еден систем успешно да функционира во САД или Западна Европа за да претпоставиме дека ќе биде подеднакво успешен и во Македонија. Треба да се земат предвид капацитетите на институциите, локалните закони и административни практики, квалитетот на податоците, како и јазичните и културните особености. Ова ги вклучува македонскиот јазик и неговите дијалекти, албанскиот и другите јазици што се користат во земјата.
Принципите се достапни на нашата веб-страница, каде што секој може да ги прочита и да достави коментари. Сакаме преку нивното критичко разгледување да започнеме поширока дискусија и заеднички да развиваме подобро разбирање за одговорната употреба на ВИ.
На кој начин ќе ги комуницирате и претставите заложбите за етичка примена на ВИ кои ги поставивте во овие осум принципи и кои би биле следните чекори и активности?
Бошњаковски: Првата можност за поширока дискусија ќе биде настанот „Responsible AI in Practice – Bringing the Swedish Perspective to North Macedonia“, кој ќе се одржи на 17 ноември 2026 година, од 17:00 часот, во InnoX Innovation Center во Скопје. Настанот го организира Sweden Alumni Network North Macedonia, со поддршка на Амбасадата на Шведска и Шведско-македонската стопанска комора, во соработка со Универзитетот Лунд. Преку размена на шведските искуства и разговор со домашните учесници, сакаме да отвориме конкретни прашања за одговорната примена на ВИ. Ги покануваме сите заинтересирани да се пријават преку нашата веб-страница, најдоцна до 16 ноември.
Овој настан го гледаме како почеток на поширока дискусија. Нашата намера е во текот на следната година, преку консултации, истражувања и размена на искуства, значително да ја надградиме првата верзија на принципите. Не сакаме тие да останат само документ што сме го подготвиле ние, туку да се развиваат преку критиките, предлозите и искуствата на оние што ја користат технологијата и оние врз кои таа влијае.
За таа цел, сакаме да изградиме заедница што ќе ги поврзе компаниите, јавните институции, академската заедница, технолошкиот сектор, правните професионалци и граѓанските организации. Планираме и советодавен одбор со претставници од различни области, вклучително и експерти за човекови права, кој ќе придонесува кон понатамошниот развој на принципите. Особено ни е важно да собираме конкретни искуства од компаниите и институциите и да разбереме со какви предизвици се соочуваат.
На подолг рок, кога ќе изградиме доволно знаење и ќе собереме релевантни искуства, сакаме да подготвуваме поконкретни насоки за различни сектори и начини на употреба на ВИ. Нашата амбиција е да им помогнеме на организациите да најдат одговори на реалните прашања со кои се соочуваат при воведувањето и користењето на технологијата.
Пред сè, сакаме Ethical AI Macedonia да биде место каде што различни професии, институции и граѓани ќе можат отворено да разговараат, да ги преиспитуваат сопствените претпоставки и да учат едни од други. Не очекуваме дека сите ќе се согласуваат за секое прашање, ниту дека однапред можеме да ги предвидиме сите предизвици што ќе ги донесе ВИ. Но, веруваме дека токму преку таква соработка можеме да развиеме принципи и практики што ќе одговараат на потребите на македонското општество.
https://faktor.mk/kako-da-se-namali-rizikot-od-vi-vo-makedonskoto-opshtestvo—etichka-ramka-namesto-regulativa






