Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, смета дека јавноста има право да знае колку ќе чини прославата за 35-годишнината од независноста на државата и кои институции ќе бидат задолжени за нејзината организација.
Во гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телма, Ивановска порача дека граѓаните заслужуваат целосна транспарентност околу трошоците и придобивките од најавената прослава.
„Народот заслужува да добие информација колку ќе чини и што ќе добие за тие пари. Престижно е тие луѓе да дојдат во државата и да одржат концерт, убаво е да се слават 35 години независност, но треба да се излезе и да се каже кое министерство за што ќе биде задолжено“, изјави Ивановска.
Таа го отвори и прашањето за оправданоста на ваквите трошоци во услови на висока јавна задолженост и намалена куповна моќ на граѓаните, посочувајќи дека е потребен баланс меѓу свеченото одбележување и економската реалност.
„На кои луѓе кои се сиромашни ќе им објасниш дека ќе доаѓа светска ѕвезда која не чини под милион евра? Малку треба да се консолидираат работите. Граѓанинот можеби ќе земе воздишка тој ден, но дали ќе има достоинствен живот низ цела година, тоа е друго прашање“, рече Ивановска.
Таа додаде дека покрај ангажирањето странски музички имиња, треба да се размисли и за поголемо вклучување на домашните музички легенди во одбележувањето на јубилејот, со цел да се постигне соодветен баланс меѓу трошоците и јавниот интерес.








