По стапувањето во сила на новиот закон за воена обврска, бројот на граѓани кои поднесуваат приговор на совеста е значително зголемен, наведуваат германските медиуми.
Само во првиот квартал од оваа година, 2.656 лица поднеле приговор на совеста и со тоа одбиле воена служба.
Тоа е значително повеќе отколку во 2024 година, кога вкупно 2.998 лица поднеле приговор, објавува весникот „Ноје Оснабрикер Цајтунг“, повикувајќи се на извори во Федералната канцеларија за семејни и граѓански работи. Во текот на целата 2025 година, вкупно 3.867 лица поднеле приговор на совеста.
Се претпоставува дека зголемувањето на бројот на приговори на совеста е поврзано со целокупната безбедносна состојба, како и со воведувањето на нов закон за воена служба на почетокот на годината.
Законот не предвидува повторно воведување на воена служба, туку само регистрација на машката популација родена по 2008 година. Регистрацијата за жените е доброволна. Во случај на недоволен број доброволни регрути, Бундестагот би имал можност да воведе регрутација, но сè уште не е познато според кој принцип.
Иако класичната воена обврска беше укината во 2011 година, сè уште постои можност за приговор на совеста, бидејќи германскиот устав предвидува дека никој не може да биде принуден да служи во војска со употреба на оружје против своја волја.
По почетокот на војната во Украина, Германија започна сеопфатна реформа на вооружените сили, која, меѓу другото, има за цел да го зголеми бројот на активни членови на Бундесверот од сегашните 180.000 на 260.000.
Германската влада верува дека овој број ќе се достигне на доброволна основа.








