Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави онлајн петиција и повика на мобилизација против најавите за прием на мигранти од Велика Британија во Македонија. Тој истакна дека ова е само првиот чекор во поширок план за спречување на евентуален влез на мигранти во земјата.
Филипче ги повика граѓаните да ја поддржат иницијативата, нагласувајќи дека безбедноста и иднината на Македонија не смеат да бидат загрозени. Според него, земјата треба да се стреми кон развој и интеграција во ЕУ, а не да стане „Мека за мигранти“.
„Ќе следи силна мобилизација, активност на секое ниво, во секоја општина, град и село. Нема да дозволиме да се загрози иднината на земјата“, рече Филипче.
Тој посочи дека СДСМ уште претходно предупредил за тајни преговори на Владата на ВМРО-ДПМНЕ со Велика Британија. Тој тврди дека македонските граѓани за плановите дознале од британските медиуми, кои објавиле детали за можен договор за депортација на мигранти. Според него, тоа е недозволиво и покажува недостаток на транспарентност.
Британските медиуми објавија дека Велика Британија преговара со Северна Македонија за депортација на одбиени азиланти. Наводно, договорот би предвидувал финансиски компензации од 20.000 фунти по депортиран мигрант, како дел од новиот систем за „повратни центри“. Филипче предупреди дека ваквите политики можат да донесат сериозни проблеми, како криминал, насилство и социјални немири.
Пратеникот Антонијо Милошоски деновиве демантираше дека договорот со Британија предвидува бегалски кампови во Македонија. Тој нагласи дека документот е насочен кон инвестиции, инфраструктура и безбедност, а не кон прифаќање мигранти.
„Со овој договор ќе се градат железници, автопати и здравствени проекти, но нема да се градат бегалски кампови“, изјави Милошоски.
Филипче на прес-конференција постави прашање дали зад тајните договори се крие намерата мигрантите да станат нова гласачка машинерија за ВМРО-ДПМНЕ. Тој предупреди дека цената за вакви договори може да биде висока и да ја загрози иднината на земјата. Но, според Милошоски договорот со Британија е еден од најсериозните документи што Македонија ги постигнала со западна држава и дека ќе донесе економски и инфраструктурни придобивки.








