домаМакедонијаЕвропската комисија предлага ограничување на дел од правата за идните членки на...

Европската комисија предлага ограничување на дел од правата за идните членки на ЕУ

- Advertisement -spot_img

Европската комисија ќе предложи ограничување на некои права за идните членки на Европската Унија (ЕУ), како и премин кон одлучување со квалификувано мнозинство, наместо со консензус, во повеќе области, меѓу кои и проширувањето.

Ова се главните елементи на стратегијата за проширување што Европската комисија треба да ја усвои и објави на 7 октомври. Целта на двата предлога е приемот на нови членки дополнително да не го отежнува веќе сложениот процес на донесување одлуки во ЕУ.

Во стратегијата, Европската комисија ќе нагласи дека проширувањето треба да биде добро подготвено и да носи заемна корист. Од една страна, кандидатите за членство треба да бидат подготвени и да исполнат строги услови, а од друга, и ЕУ треба институционално, финансиски и политички да биде подготвена да остане функционална и по проширувањето.

Според нацрт-документот до кој дошло Радио Слободна Европа (РСЕ), механизмите за идните членки што ги подготвува Комисијата би имале за цел да ја ограничат можноста за блокирање на одлуките во првите години од членството. Во исто време, постојните земји – членки би имале на располагање инструменти за реакција доколку новите членки по приемот отстапат од преземените обврски.

Идните членки без право на вето

Најчувствителниот елемент во нацртот се однесува на ограничувањето на правото на вето, кое во документот симболично е наречено „привремена обврска поврзана со донесувањето одлуки во Советот на ЕУ и Европскиот совет“.

Според овој предлог, идните членки би се обврзале да не се спротивставуваат на одлуките на Советот во областите во кои е потребна едногласност. Тој би се применувал на институционалните прашања и прашањата поврзани со идните проширувања.

За возврат, како што се наведува во нацртот, европските институции би се обврзале да најдат прифатливо решение доколку нова членка се повика на суштински национални интереси.

Според извори на РСЕ запознаени со содржината на документот, новите договори би биле вклучени во заедничка декларација што би му била приложена на Договорот за пристапување. Декларацијата би била усвоена пред Договорот за пристапување.

Заштитни клаузули

Покрај постојните механизми што се применувале за претходните членки, Европската комисија ќе предложи уште два нови механизми, поврзани со финансиските и институционалните прашања.

Финансискиот заштитен механизам би ѝ овозможил на Комисијата, во ограничен период по приемот, да предложи пропорционални мерки доколку постојат јасни докази или сериозен ризик дека недостатоците во владеењето на правото го загрозуваат управувањето со буџетот на ЕУ или заштитата на нејзините финансиски интереси.

Институционалната клаузула би се применувала во случај на „особено сериозно прекршување“, при што Советот на ЕУ би можел да усвои соодветни и пропорционални мерки, вклучително и привремено суспендирање на одредени права што произлегуваат од членството.

Комисијата преку овој документ ќе предупреди и на зајакнување на мерките во случај на влошување на владеењето на правото, демократијата и основните права по завршувањето на преговорите за членство.

Предложени промени и во институциите на ЕУ

Се чини дека членството во ЕУ нема да значи автоматски дека идните членки ќе имаат и свои еврокомесари, бидејќи според новиот предлог тоа не би важело ниту за постојните членки.

Комисијата, всушност, предлага бројот на комесари, кој во моментов одговара на бројот на земји – членки, да се намали на две третини од бројот на земјите – членки, со строго еднаква ротација.

Комисијата исто така поддржува поширока примена на гласањето со квалификувано мнозинство, како и засилена соработка меѓу група земји кога не може да се постигне едногласност.

Нацртот, меѓу другото, предлага одлучувањето со квалификувано мнозинство да се применува во меѓуфазите од процесот на проширување, како што се отворањето и затворањето на поглавјата, додека едногласноста би важела само за конечната одлука за прием на идната членка во ЕУ. /РСЕ

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img