домаМакедонијаЕко-автобусите остануваат во Унгарија: Како пропадна тендерот

Еко-автобусите остануваат во Унгарија: Како пропадна тендерот

- Advertisement -spot_img

Поништувањето на тендерот за набавка на 150 електрични автобуси отвори ново поглавје во долгата приказна за неуспешните обиди Скопје да добие модерен и еколошки јавен превоз. Проектот што со месеци беше претставуван како едно од клучните решенија за сообраќајниот хаос и загадениот воздух во главниот град, заврши без избор на изведувач, а постапката сега се враќа на самиот почеток.

Министерството за транспорт официјално соопшти дека Државната комисија по жалби за јавни набавки донела решение за поништување на тендерот по службена должност. Иако институциите не излегоа со детално образложение за конкретните причини, повеќе медиуми и извори блиски до постапката посочуваат дека проблемите се појавиле во процесот на евалуација на понудите, како и околу усогласеноста на тендерската документација и критериумите за избор.

Она што излезе од Министерството е соопштението во кое ги објавија и финансиските детали од понудите што пристигнале во рамките на тендерот изразени без ДДВ.

Според наведеното од Транспорт, понудата од „Електробус – Икарус“ – ЕВН била во вредност од 50 600 000 евра, кинеската компанија „Актрус“ со автобуси „кинг лонг“ во вредност од 50 700 000 евра, „Жонг Тонг“ во вредност од 50 600 000 евра и турската компанија БМЦ во вредност од 59 200 000 евра.

„Поединечните цени по автобус без полнач се: ‘Електробус/Икарус’: 314 000 евра, ‘Актрус/ Кинг Лонг’: 324 000 евра, ‘Жонг Тонг’: 327 000 евра и БМЦ: 385 000 евра“, се наведува во соопштението од Министерството за транспорт.

Двете кинески компании „Актрус/Кинг Лонг“ и „Жонг Тонг“ биле елиминирани бидејќи доставиле невалидни банкарски гаранции, а турската БМЦ воопшто не доставила банкарска гаранција и не ги исполнила техничките услови.

За понудата на „Електробус – Икарус“ – ЕВН велат дека второстепената Комисија за жалби по јавни набавки утврдила дека договорот за соработка помеѓу двете фирми бил потпишан само на хартија, но не и електронски, поради што тендерот е целосно поништен.

Сепак, остануба нејасно зошто пред да биде поништен тендерот, беше објавена информација дека постапката завршила и дека за избрана била прогласена понудата на конзорциумото на унгарски Икарус и австрискаата ЕВН.

Станува збор за проект вреден околу 51 милион евра, со кој требаше да се набават 150 електрични автобуси и 75 полначи. Од нив, 100 беа наменети за Скопје, а останатите за други општини низ државата. Владата и Министерството за транспорт го претставуваа проектот како голем исчекор кон „зелена транзиција“ и модернизација на јавниот превоз, а најавите создадоа големи очекувања кај скопјани, кои со години се соочуваат со хроничен недостиг на автобуси, доцнења и чест колапс на линиите на ЈСП.

Особено силна беше надежта дека електричните автобуси барем делумно ќе помогнат во намалувањето на аерозагадувањето, кое секоја зима го става Скопје меѓу најзагадените градови во Европа. Старите дизел автобуси, дел од нив стари повеќе од една деценија, одамна се симбол на нефункционалниот јавен превоз. Во таков амбиент, најавата за електрична флота беше дочекана како редок проект околу кој постоеше поширок јавен консензус.

Но, уште од самиот старт тендерот беше следен со сомнежи дали државата навистина е подготвена за толку голем и комплексен проект. Според објавените податоци, четири компании доставиле понуди, а процесот на нивна евалуација требало да започне во април. Дел од јавноста и експертите предупредуваа дека условите во тендерот се исклучително специфични и дека постои ризик од жалбени постапки и правни блокади, особено поради кратките рокови и високите технички барања.

Ова не е првпат проект за модернизација на јавниот превоз во Скопје да пропадне или да биде стопиран. Во изминатите години јавноста беше сведок на пропаднати или замрзнати идеи за БРТ-системот, набавка на нови автобуси, бесплатен јавен превоз и други крупни инфраструктурни ветувања. Секоја промена на локалната или централната власт носеше нови концепти, но малку конкретна реализација. Токму затоа, кај граѓаните сè повеќе доминира чувството дека јавниот превоз станува жртва на политички конфликти, институционална некоординираност и долги административни процедури.

Во меѓувреме, состојбата со ЈСП продолжува да се влошува. Граѓаните секојдневно се жалат на ретки линии, преполни автобуси и долги чекања на станиците. На социјалните мрежи и форумите сè почесто се споделуваат фотографии од дефектирани автобуси и сведоштва за патување што трае двојно подолго од вообичаеното. Дел од коментарите ја отсликуваат и растечката фрустрација: „Прво нека ги донесат“, пишуваат корисници, додека други забележуваат дека Скопје одамна требало да има современ јавен транспортен систем налик на европските метрополи.

Проблемот не е само во автобусите, туку и во пошироката слика за урбаната мобилност во главниот град. Со години недостига долгорочна стратегија за јавен превоз што ќе ги поврзе автобускиот систем, велосипедската инфраструктура и можните идни железнички или трамвајски решенија. Наместо тоа, секоја нова власт започнува од почеток, а проектите ретко ја надминуваат фазата на политички маркетинг.

Сега, по поништувањето на тендерот, Министерството за транспорт најавува дека постапката повторно ќе биде објавена „во најбрз можен рок“. Но, искуството од претходните години кај многумина создава скепса дека новите автобуси навистина наскоро ќе се појават на улиците на Скопје. А додека институциите повторно ги подготвуваат документите и процедурите, граѓаните и понатаму ќе чекаат автобус на загадените булевари, надевајќи се дека ветувањето за „зелено Скопје“ овојпат нема повторно да остане само на хартија.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img