HomeМакедонијаДЗР: ЈП „Колекторски систем“ работи без добиена дозвола за собирање, одведување и...

ДЗР: ЈП „Колекторски систем“ работи без добиена дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води

- Advertisement -spot_img

Од основањето до денот на ревизијата, претпријатието нема добиено дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води, која ја издава МЖСПП, е нотирано во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на ЈП „Колекторски систем“ – Скопје за 2024 година.

Ревизорите изразуваат неповолно мислење за реалноста на финансиските извештаи, откривајќи низа неправилности и ризици за одржливоста на работењето.

Инфраструктурните објекти (цевковод, пумпни станици и пречистителна станица), изградени пред повеќе од 35 години во вкупен износ од 129.948 илјади денари (2.112.976 евра), се уште не се запишани во катастарот на инфраструктурни објекти, кој е составен дел од Катастарот на недвижности.

– Освен за земјиште од 812 м² (пумпна станица Подмоље), ЈП „Колекторски систем“ – Скопје, не поседува имотни листови за инфраструктурни објекти – цевковод во должина од 40,9 км, пумпни станици, пречистителна станица, како и за земјиштето под нив, стои во извештајот.

Додаваат дека јавното претпријатие нема целосен увид во побарувањата од поврзани друштва и на 31.12.2024 година, нема извршено проценка на нивната наплатливост и вредносно усогласување. Во трговските книги и финансиските извештаи со 31 декември 2024 година, евидентирани се побарувања од поврзаните друштва ЈП „Водовод“ Охрид и ЈП „Водовод и канализација“ Струга во вкупен износ од 364.491 илјади денари, односно 5.926.683 евра, кои се преземени по основ на статусната промена и се однесуваат на корисници приклучени на колекторскиот систем заклучно со 30.06.2019 година.

– Имајќи во предвид дека поврзаните претпријатија располагаат со базите на приклучоци и до 2020 година ги изготвувале и сметките на корисниците, но немаат економски интерес да преземаат мерки за навремено утужување на ненаплатенитепобарувања, бидејќи ваквите побарувања преставуваат обврски кон ЈП Колекторски систем-Скопје, во пракса иницираат нивен отпис. Поради недостиг на аналитичка поддршка и ограничено влијание врз процесот на наплата, не е извршена проценка на наплатливоста, што резултира со необјективно прикажување на финансиската состојба на претпријатието за 2024 година, е наведено во извештајот.

Потенцирано е дека колекторскиот систем не е опремен со протокомери за мерење на количината на влезна отпадна вода, недостасува СКАДА – систем за целосна контрола и мониторинг, а претпријатието не располага ниту со агрегати за резервно напојување со електрична енергија. Претпријатието нема сопствен информационен систем за евиденција на корисниците на колекторската мрежа, па за таа цел ги користи системите на ЈП „Водовод“ Охрид, ЈП „Водовод и канализација“ Струга и ЈКП „Дебрца“. Само околу една третина (33%) од испуштената пречистена вода е фактурирана (во 2024 година фактурираната вода изнесува 3.736.453 m³, додека испуштената пречистена вода е 11.300.390 m³), што укажува на сериозни технички и физички недостатоци во мрежата на зголеменото ниво на отпадните води.

Финансиските показатели за 2024 година, во однос на вкупните обврски од 493.108 илјади денари (8.018.016 евра), укажуваат на зголемен ризик од намалена ликвидност на претпријатието, односно периодот на плаќање на обврските кон добавувачите е 1.139 дена или повеќе од 3 години, а просечен период на наплата напобарувања е 333 дена или приближно една година. Ликвидносната состојба дополнително е влошена поради обврски кон физичките лица на чие земјиште, доделено по пат на експропријација, се изградени или поставени инфраструктурни објекти и за користењето на тоа земјиште, јавното претпријатие исплаќа соодветна закупнина, како и блокираната сметка на претпријатието од 2020 година, веднаш по неговото основање. Претпријатието работи со минимум средства од 10.800 илјади денари за секој месец, согласно Решение на Основен суд Охрид.

Ревизијата укажува на неминовна потреба од изготвување план за финансиска стабилност кој ќе вклучи реална проценка на ликвидносните ризици, временска рамка за деблокирање на сметката и отплата на обврските, мерки за намалување на зависноста од краткорочни задолжувања, приоритетна наплата на побарувањата и оптимизација на трошоците, со цел обезбедување на долгорочна стабилност и одржливост на работењето на претпријатието.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img