Побрз пат до полноправно членство, фазно придвижување на земјите од Западен Балкан што поблизу до ЕУ или нивно мотивирање да бидат што покомпатибилни со Унијата? Одговорите на прашањето – во кои насоки ќе се движи процесот на проширувањето – особено по многу предлози и нон-пејпери на оваа тема – ќе бидат појасни на самитот на ЕУ и Западен Балкан што ќе се одржи на 5-ти јуни во Тиват, Црна Гора.
Пред самиот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ќе ги посети земјите од Западен Балкан.
„Моето второ патување на Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална; исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време за реализација“, изјави Кошта пред турнејата.
Од последното проширување на ЕУ со приемот на Хрватска (први јули 2013 година) изминаа 13 години. Кошта за време на посетата ќе разговара за прашања поврзани со проширувањето, постепената интеграција на регионот, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста на Западен Балкан. Посетата ќе ја започне на први јуни во Сараево, на втори јуни ќе биде во Тирана и Скопјe, по што следува посета на Приштина и на Белград.
Турнејата ќе ја заврши во Црна Гора, каде што претседателот Јаков Милатовиќ ќе биде домаќин на вечера по повод 20-годишнината од независноста на земјата. На 5-ти јуни, Кошта ќе биде копретседател на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, со главна тема „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.
Со Кос во четири очи
Што се однесува до евроинтеграцискиот процес на Македонија, засега од бугарска страна нема назнаки за промена во тонот во однос на условите од европскиот консензус од 2002 година. Една седмица пред самитот во Црна Гора, бугарскиот премиер Румен Радев, придружуван од шефицата на дипломатијата, Велислава Петрова, беше во посета на Париз и Брисел. Уште пред средбата со францускиот претседател, меѓу прашањата што ги поврзуваат двете земји ја посочи и поддршката на Макрон за во преговарачката рамка да влезе потреба од уставни измени.
„Во 2021 година за првпат пред европските лидери го поставив прашањето за впишување на македонските Бугари во Уставот на Република Северна Македонија. Ми требаше една година да ги убедувам европските лидери зошто тоа треба да се случи. Чест му изразувам на претседателот Макрон, кој прв ја согледа оправданоста на оваа идеја и со заеднички напори таа беше вклучена во преговарачката рамка во јули 2022 година“, изјави Радев, со уверување дека ќе обезбеди поддршка од Франција тој консензус да се спроведува во целост.
Вчера во Брисел Радев се сретна со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, со председателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а имал уште една средба за која не е објавено соопштение.
„По неговата средба со Урсула фон дер Лајен, премиерот Румен Радев имаше разговор во четири очи во зградата на ЕК и со европската комисарка за проширување, Марта Кос“, се наведува во соопштението од владината прес служба.
Тешко е тоа што се случуваше овде
Застојот во интеграцискиот процес на Македонија е секојдневна тема на критики меѓу власта и опозицијата во Македонија. За разлика од опозициска СДСМ, разбирање за македонската позиција изрази хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, за време на неговата посета.
„Да се бара во повеќе наврати промена на Уставот, на името, сето ова што се случуваше овде е тешко. Тешко е за секоја влада, би било тешко за секој народ. Јас често се прашувам – каков би бил ставот на Хрватска и на хрватските граѓани – ако имавме слични услови какви што има македонскиот народ и какви што има Северна Македонија денес. Мислам дека не би било лесно да се одржи степенот на ентузијазам и приврзаност кон ЕУ како што го имаме денес“, рече Пленковиќ во интервју за „360 степени”.
Смета дека на самиот во Тиват треба да се бараат решенија за деблокада на ситуацијата.
„Она што е моментална ситуација – имаме нов премиер, поранешниот претседател во Бугарија, г. Радев, кој има големо политичко искуство, а верувам дека и во билатералните разговори таа тема многу брзо ќе дојде на маса. Дека ќе имаме можност веќе во следните неколку дена во Тиват, Црна Гора, каде што во се одржува состанок на врвот меѓу земјите на ЕУ и Западен Балкан, да се расправа за понатамошната динамика на проширувањето, бидејќи тоа сега ги подразбира и Украина, и Молдавија, и сите земји во нашето соседство. Така што, во тој поширок контекст треба да се бараат решенија за деблокада на оваа ситуација која никако не е добра, не само за Северна Македонија, туку не е добра воопшто за процесот на проширување“, изјави хрватскиот премиер.
Оправдана и разумна позиција
Решенија се бараа и досега, но без резултат. На прашањето можно ли е да се добијат гаранции – доколку се направат уставните измени тоа да биде последната отстапка од идентитетско-историски карактер и оти нема да има нови вета – Пленковиќ го оцени барањето гаранции како разумна позиција на македонската влада.
„Мислам дека тоа е разумна позиција на македонската влада и на премиерот Мицкоски. Знаете, кога човек еднаш ќе се изгори, тогаш дува и на ладно. Бидејќи, и порано имаше ситуации кога се мислеше дека сè е решено кога ќе се исполнат одредени критериуми, а потоа одеднаш се создаваа нови предизвици и нови предуслови за отворање преговори. Така што, разбирам дека актуелната влада на некој начин го наследи договорот од 2022 година, кога Франција претседаваше со Советот на ЕУ, што е решение каде Франција се обиде да биде конструктивна. Mеѓутоа тоа решение е објективно захтевно за сите политички актери во Северна Македонија и не ме чуди ваквиот став. Мислам дека е исправен и артикулиран, дека ако нешто се договори, тогаш за една година да нема нови пречки, па повторно да треба да се враќаме на големи законски измени или пак измени на Уставот, што е исклучително политички чувствително и на крајот непопуларно“, оцени Пленковиќ.
Тој не единствениот кој смета дека барањето гаранции е оправдано. Одговарајќи на пратеничко прашање поврзано со евроинтеграцискиот процес, министерот Муцунски вчера потенцираше дека Владата води аргументиран и принципиелен пристап во комуникацијата со меѓународните партнери и дека „нема повеќе отстапки и попустливост што не вродуваат со резултати“.
Тој оцени дека барањето дополнителни гаранции во однос на европскиот пат е оправдана позиција, а потсети на јавните ставови на повеќе европски лидери меѓу кои, покрај Пленковиќ, се и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и белгискиот министер за надворешни работи, кои ја нагласиле потребата од дополнителни уверувања и предвидливост во процесот.
„Не е точно дека од државата се бараат само уставни измени”, истакна Муцунски, оценувајќи дека суштинскиот проблем произлегува од „непромислените решенија од 2022 година“, пишува „Deutsche Welle„








