Двајца државјани на Тајван, 50-годишна жена и 37-годишен маж, денеска биле пронајдени мртви во стан во скопската населба Црниче.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен околу 13:50 часот во СВР Скопје.
Н.М. во станот ги пронашла својата мајка Ч.Т.Ј. (50) и сопругот на нејзината мајка Ш.Л.Ф. (37), двајцата државјани на Тајван.
Двете лица претходно биле пријавени за исчезнати. Пријавата за нивното исчезнување била поднесена во полиција во 00:49 часот на 2 септември, по што биле преземени мерки за нивно пронаоѓање.
На местото излегла екипа на СВР Скопје, а лекар од Институтот за судска медицина констатирал смрт кај двете лица.
Според првичните информации од МВР, при прегледот на телата не биле забележани видливи траги на насилство.
Телата се предадени на обдукција, која треба да ја утврди причината за смртта.
Полицијата продолжува со преземање мерки за целосно расчистување на случајот.






