домаМакедонијаСајбер напади, организиран криминал, онлајн измами… најголеми безбедносни закани

Сајбер напади, организиран криминал, онлајн измами… најголеми безбедносни закани

- Advertisement -spot_img

Безбедносната состојба во Македонија во текот на 2027 година се проценува дека ќе биде мирна и стабилна, а нивото на закана по национална безбедност ќе остане ниско. Ова е главна оценка во безбедносната процена за земјава со претстојната година изработена од страна на државната Агенција за национална безбедност, а во која се наведени и потенцијални ризици кои би можеле да се појават во претстојниот период.

– Сајбер заканите ќе бидат меѓу најчестите и најдинамичните безбедносни ризици, заедно со онлајн измамите, манипулативните информативни кампањи и со активностите на организираните криминални групи. Најголеми последици би можеле да предизвикаат системските сајбер напади насочени кон критичните информациски системи и инфраструктура, особено доколку доведат до прекин на основни услуги, компромитирање чувствителни државни информации или нарушување на функционирањето на институциите. Посебен ризик претставува можноста сајбер нападите да се комбинираат со други форми на безбедносно и хибридно дејствување. Ризикот од нив произлегува од широката зависност на институциите, компаниите и граѓаните од дигиталните технологии – пишува во безбедносната процена на АНБ.

Врзано за ризиците, процена е дека државните институции располагаат со механизми за нивно навремено и координирано детектирање преку редовна размена на информации и екипирани со соодветни човечки, технички и организациски капацитети, откривање и спречување и ограничување на можните последици врз земја. Се наведува дека најголеми последици би можеле да предизвикаат системските сајбер напади насочени кон критични информациски системи и инфраструктура, особено доколку доведат до прекин на основни услуги, компромитирање на чувствителни државни информации или нарушување на функционалноста на институциите. Посебен ризик претставува можноста сајбер нападите да бидат комбинирани со други форми на безбедносно хибридно дејствување.

– Целта на ваквите активности не е само нарушување на информациските системи туку и создавање страв, паника, недоверба и политички или општествен притисок. Веројатноста за краткотраен или ограничен прекин на некоја критична услуга се проценува како среден и можните последици се оценуваат како средни. Помалку е веројатен долготраен или истовремен прекин на повеќе системи. Но, доколку се случи, последиците би можеле сериозно да го нарушат секојдневниот живот, како и економијата и работа на институциите. Веројатни причини за подолготрајни прекини во критичните услуги би можеле да бидат сајбер инциденти и саботажа – се укажува во анализата.

Криминални групи регрутираат млади лица

Истовремено, веројатноста за појава на ризикот од дејствување на организирани криминални групи се оценува како „висока“, а степенот на влијание на организираниот криминал врз општествените процеси и финансиската стабилност се проценува со „средно“ ниво. Се укажува дека организирани криминални групи не функционираат изолирано туку се поврзани во криминални мрежи кои им овозможуваат висок степен на транснационалност во функционирањето и флексибилност на релоцирање и прикривање на нивните припадници, криминални активности и нелегален профит.

– Процена е дека криминалните групи, во своите конвенционални криминални активности, ќе продолжат да користат физичко и психолошко насилство, коруптивно влијание, но и шифрирани интернет комуникациски алатки за прекугранична координација и регрутација на нови припадници. Онлајн пазарите и криптоберзите, како нова нерегулирана зона на финансиска активност, ќе ги користат како алатка за прикривање и заштита на своите нелегални профити. Криминалните мрежи ќе продолжат со регрутација на млади лица како тактика за заштита од идентификување и казнено процесуирање на криминална мрежа и нејзините високопозиционирани членови – се укажува од страна на АНБ.

Се нагласува и тоа дека странските разузнавачки служби и натаму ќе имаат интерес за Македонија.

– Се проценува дека разузнавачките служби и нивните прокси актери што дејствуваат во интерес на други држави, во 2027 година ќе покажуваат континуиран интерес за РС Македонија. Се очекува нивните активности да бидат насочени кон прибирање сензитивни информации и преку хибридни начини на дејствување да се обидат да остварат влијание врз важни одлуки, нарушување на работата и угледот на државните институции. Посебен ризик ќе претставуваат активностите во кои разузнавачкото дејствување ќе се комбинира со сајбер напади, економски притисоци, дезинформации, обиди за компромитирање на лица и институции – се наведува во материјалот.

Попречување на активности на „осамени волци“

Истовремено, како низок е оценет ризикот од терористички акти, и покрај глобалните трендови кои создаваат генерални ризици што произлегуваат од идеолошки мотивирани поединци и групи.

– Ризиците по националната безбедност и натаму во најголем дел зависат од транснационални терористички организации како што се ИСИС и Ал-каеда и нивните подгрупи кои дејствуваат регионално. Опасноста од онлајн радикализација и влијанието на меѓународните терористички мрежи на интернет останува висока, и покрај моментално ниската тенденција да премине во закана за подготовка и изведување на терористички акти. Присуството на странски терористички борци повратници во државата и понатаму претставува потенцијален ризик од рецедивизам и идеолошко индоктринирање на млади лица кои евентуално би можеле да извршат изолирани насилни активности со елементи на тероризам, велат оттаму во безбедносната проценка за 2027 година. Се додава дека приоритети на Агенцијата за национална безбедност ќе бидат мониторинг на сајбер безбедноста во виртуелниот простор, детектирање и попречување активности на „осамени волци“, мониторинг над странските терористички борци повратници, размена на разузнавачки податоци и институционална превенција.

Низок ризик од руското влијание врз официјални политички процеси во земјава

Во делот насловен како Активности на Руската федерација, македонската АНБ наведува дека тие претставуваат „значаен“ безбедносен ризик поради нивниот начин на хибридно и прикриено дејствување во Европа и Западен Балкан.

– Со ваквиот начин на нивно дејствување се прави обид кон создавање внатрешен раздор, одржување „смрзнати конфликти“ и уривање на довербата во институциите, ерозија на европските вредности на РС Македонија, кои се стратешки и правно втемелени во акти на државата уште од 1991 година. Ризикот од директно руско влијание врз официјални политички процеси во Македонија ќе остане низок, со оглед на постојниот национален консензус за дефинирање на стратешките перспективи на државата. Сепак, се очекува индиректното руско малициозно влијание и прокси дејствување да продолжи со ист интензитет преку медиуми, социјални мрежи, регионални посредници и домашни поединци или групи. Особено внимание заслужуваат координираните кампањи во кои дезинформациите се комбинираат со сајбер активности, прикриено финансирање и користење локални посредници. Со оглед на тоа дека РФ ја прогласи Македонија за непријателска држава, врзано со Украина, процена е дека до целосното интегрирање на земјата во ЕУ ќе продолжи суптилно да ги стимулира билатералните спорови заради забавување на европските перспективи – наведуваат од АНБ

Во делот посветен на активностите на Кина се наведува дека присуството на повеќе кинески компании, инвестиции или институции, само по себе не претставува безбедносен ризик.

– Кина суптилно навлегува во клучните сегменти на општеството, но безбедносниот ризик поврзан со Кина се проценува како низок со тенденција на пораст во одредени стратешки сектори, особено кога постои долгорочна зависност од странска технологија, финансии или снабдувачи. Генералниот ризик произлегува од можноста за економска, технолошка или информациска зависност – се наведува во процените.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img