Државната изборна комисија на 26-та седница едногласно го усвои Заклучокот за објавување првични резултати од спроведените Предвремени избори за градоначалник на Општина Брвеница, од спроведен втор изборен круг, врз основа на доставениот Записник – образец бр. 21 Б од сумирање на резултатите од гласањето за избор на градоначалник на општина Брвеницa.
Според податоците од Записникот на Општинската изборна комисија Брвеница (Образец број 21Б) за сумирање на резултатите од гласањето за избор на градоначалник, во Избирачкиот список за општината беа запишани вкупно 16.256 избирачи. Правото на глас го остварија 8.828 граѓани, односно 54,31% од вкупниот број запишани избирачи, додека бројот на неупотребени гласачки ливчиња изнесува 7.428. Од вкупниот број на гласале, утврдено е дека 8.626 гласачки ливчиња биле важечки, додека 202 ливчиња биле оценети како неважечки.
Врз основа на сумираните важечки гласови за кандидатите, Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција – НАИ доби 4.442 гласови, а Стојанчо Радичевски од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ доби 4.184 гласови.
Со објавувањето на првичните резултати започнуваат да течат законските рокови за поднесување приговори. Во согласност со член 148 став (2) од Изборниот законик, Државната изборна комисија информира дека приговор на постапката за гласање се поднесува во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, односно најдоцна до 03.11.2026 година (вторник), до 19:00 часот, додека приговор на постапката за сумирање и утврдување на резултатите се поднесува во рок од 48 часа од објавувањето на првичните резултати, односно најдоцна до 04.11.2026 година (среда), до 15:30 часот.
Заклучокот за утврдување и објавување на првичните резултати од гласањето во вториот круг за избор на градоначалник на Општина Брвеница ќе биде објавен на официјалната веб-страница на Државната изборна комисија.






