Од 1 јануари 2026 година, Словенија воведе нов модел на вработување наречен „80-90-100“, кој носи значајни промени, особено за постарите работници и лицата со долгорочно вработување. Оваа мерка е дел од поширока реформа на пазарот на трудот, а нејзината цел е да ги задржи искусните работници на работа и да ја подобри рамнотежата помеѓу работата и животот.
Како функционира моделот „80-90-100“? Суштината на моделот е многу едноставна: работникот работи 80% од полно работно време, добива 90% од редовната плата, додека придонесите за пензиско и здравствено осигурување се плаќаат во целост – како да работи со полно работно време.
На овој начин, работниците добиваат значително повеќе слободно време, со релативно мал пад на приходите и без никакво негативно влијание врз износот на идната пензија, пишува gpmaljevac.com
Кој има право на оваа бенефиција? Моделот „80-90-100 “може да го користат: работници постари од 58 години или работници кои имаат најмалку 35 години стаж. Се применува само со договор помеѓу работникот и работодавачот.
Работниците кои го користат овој модел можат да изберат различни форми на намалена работа, на пример: слободен ден во текот на неделата, продолжен викенд или рамномерно пократко работно време секој работен ден.
Оваа флексибилност е особено важна во занимањата со физички напорни работни места, каде што долготрајната работа често води до здравствени проблеми и чести боледувања.
Зошто Словенија ја воведе оваа мерка? Словенечката влада ги наведува следниве како главни причини: стареечка работна сила, растечки недостиг на квалификувани работници, потреба од зачувување на знаењето и искуството на постарите вработени, намалување на боледувањата, зголемување на вкупната продуктивност.
Иако моделот подразбира повисоки придонеси, проценките покажуваат дека овие трошоци ќе се исплатат на долг рок преку подоцнежно пензионирање и намален притисок врз пензискиот систем.
Моделот „80-90-100“ веќе се смета за еден од најинтересните примери за флексибилно вработување во регионот и внимателно го следат и други европски земји кои се соочуваат со слични демографски предизвици.
Во меѓувреме во Македонија работодавците не сакаат да ја зголемат минималната плата од 400 на 600 евра затоа што сметаат дека повисоката плата мора да биде резултат на продуктивност алудирајќи на тоа дека во моментов квалификуваните работници не се продуктивни во македонското стопанство.
„Во Македонија, профитите на фирмите, како процент од националниот доход, се меѓу највисоките во Европа, а платите се меѓу најниските. Профитите во Македонија се околу 55 отсто, а платите околу 45 отсто. Во Европската Унија е обратно.
Така што, апсолутно има простор за покачување на платите. Дури и да има фирми што не можат да го издржат покачувањето, можете да воведете посебни мерки за поддршка на тие фирми. Така се направи во 2017 година, кога минималната плата се покачи за 25 отсто. И тогаш бизнисмените ја вртеа истата приказна – нема да може да издржиме, ќе мора да затвориме и не знам што сѐ. Па, на крај никој не остана без работа и никој не затвори, а богами и поддршка побараа само за неколку илјади работници, од вкупно 120.000 што беа засегнати“, вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, во интервју за „Фокус“.
Првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, кој објави дека 11.384 работници од Македонија добиле работни дозволи за работа во Хрватска додека тука владата и работодавачите негодуваат околу покачувањето на минималната плата и ја врзуваат со продуктивноста на работикот.
„Политиката на ниски плати е многу погрешна, но ако не излезете со нас на протестите, тие мислат дека ја поддржувате! 11.384 работници од Македонија во 2025 година добиле работни дозволи за работа во Хрватска, уште колку заминале во Црна Гора, Словенија, Германија итн., а македонските газди замениле само 8.500 од нив со работници од Бангладеш, Непал и Индија (за кој се сомневам дека останале во Македонија).
Газдите кукаат дека немаат квалификувани работници, владата смета дека не треба да се зголемуваат платите, а работниците си заминуваат од Македонија, па легитимно е прашањето на кого му одговара македонските квалификувани работници да заминат од Македонија?“, стои во објавата на Фејсбук.









