Темата за работното време и изнаоѓањето на најсоодветниот модел за продуктивноста на работниците повторно се актуелизира во Северна Македонија. Дел од стопанските комори бараат помалку празници, додека други сметаат дека фокусот треба да биде ставен на продуктивноста на работниците. Практиките во светот се различни, но каде треба да биде Северна Македонија, колку часа неделно треба да работиме и дали треба да се празнуваат сите државни и верски празници, пишува „Журнал.мк“.
Еден месец одмор, еден месец празници…
Во Северна Македонија има вкупно 11 државни празници, односно неработни денови што важат за сите граѓани во земјата. Во моментов, поради заедничките празници и верските и етничките празници, во вкупниот календар се евидентираат околу 27 неработни денови, распределени според различните заедници, што, според бизнис-секторот, создава голем товар.
Покрај тоа, доколку државните празници се паѓаат во недела, тие се префрлаат на понеделник, со што се продолжуваат викендите за работниците, а загубата на продуктивноста е значителна.
Ако на ова се додаде и загарантираниот годишен одмор од 20 до 26 работни дена, тогаш произлегува дека еден работник во текот на годината има околу два месеца одмор – еден месец благодарение на празниците и уште еден месец врз основа на законските права на работниците.
Бизнис-секторот се жали дека има премногу празници
Целосниот предлог на Стопанската комора на Северна Македонија за изменување на Законот за празниците има за цел зголемување на продуктивноста, економската ефикасност и оптимизирање на неработните денови во приватниот сектор.
Според Стопанската комора, предлогот не предвидува директно укинување на постојните празници, туку преиспитување на правото на нивно користење преку укинување на практиката на „префрлање на празниците“ и индиректно ограничување на 13 неработни денови годишно.
Предлогот предвидува, доколку државен празник се паѓа во недела, понеделникот да остане редовен работен ден, наместо да се префрли како неработен. Со тоа автоматски би се елиминирало создавањето „вештачки продолжени викенди“, кои негативно влијаат врз производствениот процес. Преку ваквата измена, бројот на неработни денови за еден работник индиректно би се намалил на точно 13 дена годишно.
Работата да се вреднува според работните часови, како во европските земји
Унијата на стопански комори на Македонија не се согласува со предлогот за намалување на бројот на празници, оценувајќи дека напорите треба да бидат насочени кон зголемување на продуктивноста и поефикасна организација на работниот процес.
Како една од опциите за која треба да се отвори поширока дискусија, Унијата ја посочува исплатата на работниците според бројот на одработени часови, следејќи го примерот на развиените пазарни економии. Според оваа идеја, потребно е да се разгледаат модели за организација и вреднување на трудот што би придонеле за подобри работни резултати.
Во Северна Македонија има вредни, посветени и чесни работници кои сакаат да работат, па затоа намалувањето на празниците не треба да биде приоритет. Наместо тоа, вниманието треба да биде насочено кон начините за подобрување на продуктивноста и искористување на работниот потенцијал.
Синдикатите бараат повисоки плати, Владата не сака да губи гласови!
Сојузот на синдикатите категорично се противи на предлогот на стопанските комори, посочувајќи дека наместо да се скратуваат деновите за одмор, треба да се слушнат барањата на работниците за зголемување на платите и подобрување на условите за работа.
Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски децидно изјави дека „во принцип, стекнатите права на работниците треба да се почитуваат“ и дека во овој поглед нема дилеми. На иста линија е и министерот за економија, Бесар Дурмиши, кој вели дека празниците им припаѓаат на граѓаните од сите вероисповеди, пишува „Журнал.мк“.
Колку празници имаат европските и балканските земји?
Во Европа, земјите со најмногу официјални празници се Лихтенштајн, со до 22 дена, и Кипар, со 15 дена, додека Обединетото Кралство, особено Англија и Велс, со по осум дена имаат најмалку празници. Во нашиот регион, Албанија и Босна и Херцеговина предничат според бројот на неработни денови.
Литванија, Словачка, Малта, Исланд и Шпанија исто така се наоѓаат високо на листата, со 14 до 16 неработни денови, при што често се комбинираат националните и регионалните празници. Швајцарија на федерално ниво има релативно мал број заеднички празници, меѓу седум и девет дена во одредени кантони, иако поголемите католички кантони можат локално да додадат и други неработни денови.
Холандија и Германија исто така се на долниот дел од листата, со само девет празнични денови на национално ниво, иако некои германски покраини, како Баварија, имаат до 13 празници.
При споредбата на земјите од регионот, разликите главно произлегуваат од тоа дали државата им признава посебни неработни денови на различните заедници или дали се применува правилото за префрлање на празникот кога тој се паѓа за време на викенд.
Кога ќе се земат предвид сите заедници, Северна Македонија и Босна и Херцеговина имаат најголем вкупен број празнични денови, иако ниту еден граѓанин поединечно не ги користи сите, бидејќи тие се распределени според верската или етничката припадност. Во Северна Македонија вкупниот број може да достигне до 27 празнични денови во календарот, бидејќи покрај 11 државни празници, има уште 16 верски и национални празници на различните заедници.
Албанија има уникатен модел во Европа. Празниците не се распределуваат според заедниците, туку секој граѓанин ги користи сите верски празници на четирите главни вероисповеди, кои вкупно достигнуваат 14 до 15 дена за сите граѓани.
Босна и Херцеговина има до 20 неработни денови, а бројот значително варира поради поделбата на ентитети и бројните верски празници. Косово има 11 официјални празници што важат за сите граѓани, вклучувајќи ги државните и верските празници. Црна Гора применува систем според кој главните државни и верски празници најчесто се празнуваат по два последователни неработни дена, со што бројот на слободни денови за секој граѓанин достигнува околу 13 до 14 годишно. Србија има најмал број празници во регионот, со околу 11 официјални празнични денови на национално ниво. Законот, исто така, им овозможува на припадниците на малцинските заедници, како муслиманите и католиците, да користат слободни денови за своите верски празници, но тие се применуваат индивидуално.
Во Европа се работи помалку отколку на Балканот, но продуктивноста е поголема
Според официјалните податоци на Евростат, постои голема разлика меѓу земјите од Западна Европа и оние од Балканот. Балканскиот регион во просек има едни од најдолгите работни недели на континентот, со повеќе од 40 часа неделно, додека просекот во Европската Унија е значително понизок и изнесува околу 35,9 часа неделно.
Албанија е на врвот на листата со просек од околу 43,7 часа неделно, по што следуваат Турција со 42,9 часа и Црна Гора со 42,8 часа. Во Србија и Босна и Херцеговина во просек се работи меѓу 40,6 и 41,3 часа неделно, додека во Северна Македонија просекот изнесува 39,5 часа. Грција го држи рекордот во рамките на Европската Унија со 39,6 часа неделно.
Во Европската Унија, просечниот број работни часови постепено се намалува – од 36,9 часа пред една деценија на 35,9 часа неделно. Ова се должи на фактот што многу луѓе работат со скратено работно време и од дома. Холандија има најнизок просек од 31,9 часа, додека Германија, Данска и Австрија се движат меѓу 33,9 и 34 часа неделно. Во Швајцарија просекот изнесува 35,9 часа, додека Полска, Бугарија и Романија, иако се членки на ЕУ, го следат трендот на Балканот со подолги работни недели, од 38,2 до 38,7 часа.
Според тоа, во економски најразвиените европски земји се работи помалку часови неделно, бидејќи тие постигнале високо ниво на продуктивност по работен час благодарение на автоматизацијата, технологијата и подобрата организација. За земјите во развој, како оние од Балканот, не е можно веднаш да се копира моделот на побогатите земји, како Холандија или Германија, туку потребно е постепено и добро осмислено приспособување.
Сепак, постепено треба да се напушти практиката на долги работни часови кои не носат позитивни резултати и да се следи модел што ќе им овозможи на работниците да бидат попродуктивни, наместо само да поминуваат повеќе време на работното место без соодветна ефикасност, пишува „Журнал.мк“.






