Меѓуврсничкото насилството станува се поголем проблем, а последиците од меѓусебните пресметки понекогаш се трагични. Зад тепачките и агресивното однесување често стојат различни семејни приказни – од деца кои растат со чувство дека се им е дозволено, до деца кои се оставени без доволно внимание и грижа. Психолозите предупредуваат дека семејството и средината во која растат децата имаат големо влијание врз нивното однесување. Така кога насилството е дел од секојдневието, децата може да го прифатат како нормален начин за решавање на конфликтите.
„Некои родители ги чуваат своите деца како во стаклено ѕвонче. Им велат ти си мој/а принц или принцеза и имаш право на се. Кога детето ќе излезе од дома со такво размислување нормално дека нема да толерира ништо поинаку освен тоа се да биде по негово. Имаме и деца кои буквално се запоставени. Дури и хигиената им е запоставена од страна на семејството затоа што тие можеби имаат и други проблеми или пак можеби родителите се занимаваат со нешто друго и детето е игнорирано“, Емилија Бошковска, психолог
Последиците од ваквото однесување може да се пренесат и во понатамошниот живот. Децата кои се жртви на насилство понекогаш се обидуваат да возвратат, верувајќи дека на тој начин ќе ја надоместат неправдата што им била нанесена. Така улогите се менуваат, а кругот на насилство продолжува.
„Насилникот, всушност е и жртва во исто време, а пак жртвата може утре да биде насилник. Не добива никој од тој однос. Двете страни се губитници. Тој што е жртва многу често има потреба да врати и со тоа продолжува насилството“, додава таа.
Минатиот викенд 13-годишно дете било тешко повредено во Влае откако било нападнато од поголема група на деца. Инцидентот се случил околу половина час по полноќ, сабота кон недела, а утредента откако мајката го згрижила детето и го водела по лекари за да му се помогне, пријавила во полиција.
За овој случај досега на распит се повикани пет малолетни лица со родителите.
Најбруталниот напад беше врз 13-годишно момче во Чаир кое беше избодено со нож и по три недели борба за живот- им подлегна на повредите.






