Црна Гора предлага ако таа не се договори со Хрватска, за спорниот проблем околу границата да решава меѓународна институција.
„Црна Гора не ја доведува во прашање примената на Бадентеровиот принцип, но за конечното разграничување со Хрватска е неопходно прво да се утврди специфичната линија на поранешната меѓурепубличка граница, која на тоа подрачје никогаш не била целосно дефинирана“, соопшти за РТЦГ кабинетот на премиерот Милојко Спајиќ.
Претходно, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ се закани дека Црна Гора нема да ги затвори преговорите за членство со Европската Унија доколку не ги прифати принципите на Бадентеровата комисија.
Владата на Црна Гора наведе дека е подготвена за компромис и предложи прашањето прво да се реши преку билатерален дијалог, а доколку не се постигне договор, да се решава пред соодветна меѓународна инстанца. Црногорската влада нагласи дека прашањето за разграничување меѓу двете држави е важно и комплексно, затоа треба да се пристапи трпеливо, врз основа на факти и право, без дневнополитичка реторика и притисоци.
„Подготвеноста на Црна Гора за компромис е искрена, како и нашата обврска да ги заштитиме легитимните правни позиции и националните интереси. Веруваме дека хрватската страна го разбира ова, бидејќи истиот принцип важи и за неа. Црна Гора не ја доведува во прашање примената на Бадентеровиот принцип, според кој поранешните меѓурепублички граници ја формираат основата на границите на државите создадени со распадот на СФРЈ. Сепак, оваа примена подразбира претходно одредување на специфичната линија која во релевантното време имала карактер на меѓурепубличка граница, а која никогаш не била целосно утврдена во оваа област“, нагласуваат од кабинетот на премиерот Спајиќ.
Оттаму додаваат дека Црна Гора нема територијални претензии кон други држави и го почитува нивниот територијален интегритет, како и сите договори кои ги потпишала со Хрватска.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ја предупреди Црна Гора дека нема затворање на преговорите со Европската Унија(ЕУ) без договор за границата.
Хрватска претходно инсистираше на решавање на сите отворени прашања со Црна Гора пред да го поддржи нејзиното членство во ЕУ. Подгорица на 20 октомври одлучи да го промени името на базенот во Котор, кој го носеше името на Зоран Гопчевиќ, поранешен чувар во логорот Морињ, а потоа го одобри и поставувањето спомен-плоча на местото на некогашниот логор.
Инаку, се очекува Црна Гора прва да влезе во ЕУ од земјите од Западен Балкан.






