Именувањето на Ден Џарвис за министер за одбрана на Велика Британија не изненади многумина во Лабуристичката партија. Неговото име почна да се споменува речиси веднаш откако Хили поднесе оставка, а меѓу партиските колеги веќе долго важеше за еден од најсериозните кандидати за таа функција, пренесе Нова.
Џарвис, кој има 53 години, досегашен министер за безбедност, стекна репутација на сигурен и дисциплиниран соработник на премиерот Кир Стармер. Колегите го опишуваат како промислен човек кој посветува големо внимание на процедурите и деталите, инсистирајќи сè да биде направено како што треба.
Иако израснал во семејство блиско до Лабуристичката партија и уште за време на студиите покажувал интерес за левичарската политика, по магистерските студии по меѓународни односи решил да започне воена кариера. Во 1997 година ја завршил престижната воена академија Сандхерст и се приклучил на Падобранскиот полк на британската армија.
Служел на Косово
Во војската поминал 14 години и стигнал до чин мајор. Служел заедно со генералот Мајк Џексон, подоцнежен началник на Генералштабот на британската армија. За време на мисијата на Косово во 1999 година бил сведок на еден од најпознатите моменти во поновата воена историја, кога Џексон одбил наредба од американскиот генерал Весли Кларк британските сили да се судрат со руските трупи на приштинскиот аеродром.
Подоцна Џарвис тој настан го опишал како надреален момент во кој го слушнал својот командант како му порачува на Американецот: „Нема да почнам Трета светска војна поради вас“, пишува британски „Телеграф“.
По службата во Ирак и во Авганистан, ја напуштил војската во 2011 година за да се кандидира на дополнителните избори за парламент во Барнсли.
Неговиот политички подем бил брз. Најпрво станал министер за култура во владата во сенка на Ед Милибанд, а подоцна, за време на ерата на Џереми Корбин, ја напуштил националната политика и ја презел функцијата градоначалник на Јужен Јоркшир. По четири години на таа позиција се вратил во врвот на Лабуристичката партија како министер за безбедност во сенка кај Стармер, а по доаѓањето на лабуристите на власт го задржал истиот ресор во владата.
Неговата досегашна функција важеше за една од најсложените меѓу министрите кои не се членови на кабинетот. Како врска меѓу Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи и разузнавачките служби, бил задолжен за некои од најчувствителните прашања на националната безбедност.
Познат е и по војничката дисциплина во приватниот живот. Пријателите го опишуваат како страстен маратонец кој одржува врвна физичка форма. За утринските телевизиски гостувања, кои почнуваат во седум часот, знаел да стане уште во четири наутро за до пет часот да биде во канцеларија и да го подготви настапот.
Неговите способности особено дошле до израз за време на аферата со наводните кинески шпиони. Џарвис бил задолжен во парламентот да го објаснува развојот на случајот со Кристофер Кеш и Кристофер Бери, обвинети за инфилтрација во британските институции. Двајцата ја негирале вината, а постапката на крајот пропаднала откако клучниот сведок не сакал пред суд да изјави дека Кина е „непријателска држава“. Џарвис тогаш добил пофалби поради смиреното управување со политички и безбедносно многу чувствителната криза.
Сега го презема Министерството за одбрана, работа што се смета за негов животен сон. Сепак, на функцијата доаѓа во еден од најтешките моменти за британската војска и одбранбениот сектор.
Воениот буџет доведе до оставка на Хили
Неговиот претходник Џон Хили поднесе оставка обвинувајќи го Стармер дека не издвојува доволно пари за одбрана и дека со тоа ја загрозува безбедноста на земјата и способноста на вооружените сили. Набрзо по него оставка поднесе и Ал Карнс, еден од помладите министри во ресорот одбрана.
Поради тоа, целото внимание во Вестминстер ќе биде насочено кон претстојната одлука за воениот буџет. Сè уште не е познато дали Џарвис успеал од премиерот да издејствува поголеми средства од пакетот од 13,5 милијарди фунти, кој беше една од главните причини за заминувањето на Хили.








