Од Раби Седрак
Современиот АМЛ модел во голем дел е управуван од автоматизирани системи за мониторинг, алгоритамски ризични проценки, регулаторни обврски и страв од санкции од надзорните институции. Во такви услови, голем дел од банкарскиот сектор постепено преминува од вистинска финансиска анализа кон таканаречена „дефанзивна усогласеност“ (Defensive Compliance). Тоа значи дека приоритетот е избегнување на регулаторен ризик и формална процедурална заштита на банката, наместо суштинско откривање реален финансиски криминал.
Во современите финансиски системи, механизмите за спречување перење пари (АМЛ – Anti-Money Laundering) претставуваат неопходен дел од глобалната финансиска безбедност. Нивната примарна цел е заштита на финансискиот систем од организиран криминал, нелегални финансиски текови, корупција и финансирање незаконски активности. Во теорија, станува збор за инструмент кој треба да ја зајакне стабилноста на државата, довербата во банкарскиот сектор и меѓународниот кредибилитет на економијата.
Но, во пракса, особено во помалите и институционално почувствителни економии како македонската, начинот на кој АМЛ механизмите се имплементираат во рамките на банкарскиот систем постепено создава сериозен структурен парадокс. Наместо прецизен инструмент насочен кон откривање финансиски криминал, АМЛ процедурите сè почесто се претвораат во административен филтер кој создава дополнителен товар врз обичните граѓани, студенти, малите и средни компании, фриленсерите, па дури и врз легитимните странски инвеститори.
Така се создава еден тивок, но исклучително важен судир помеѓу економските цели на државата и оперативното однесување на банкарскиот сектор. Додека државата се обидува да привлече инвестиции, да ја забрза економската активност и да создаде попривлечна бизнис клима, банките преку претерано рестриктивна и дефанзивна примена на АМЛ процедурите, создаваат дополнително триење кое ги забавува токму тие процеси.
Проблемот, притоа, не е во постоењето на АМЛ системот. Напротив, современа економија без механизми против финансиски криминал е практично невозможна. Суштинското прашање е начинот на кој системот се применува, односно институционалната логика според која функционира и степенот на аналитичка зрелост на банкарските структури задолжени за негово спроведување.
Современиот АМЛ модел во голем дел е управуван од автоматизирани системи за мониторинг, алгоритамски ризични проценки, регулаторни обврски и страв од санкции од надзорните институции. Во такви услови, голем дел од банкарскиот сектор постепено преминува од вистинска финансиска анализа кон таканаречена „дефанзивна усогласеност“ (Defensive Compliance). Тоа значи дека приоритетот е избегнување на регулаторен ризик и формална процедурална заштита на банката, наместо суштинско откривање реален финансиски криминал.
Во практиката, ова создава култура во која службениците за усогласеност (Compliance Officers) функционираат според едноставна институционална логика: “подобро е да се постават премногу прашања и да се пријават повеќе сомнителни активности отколку да се преземе ризик да се пропушти потенцијален проблем”. Резултатот на ваква логика е систем што ја наградува процедурата, документацијата и административната претпазливост, а не систем што ја наградува аналитичката прецизност.
И токму заради тоа, највидливиот товар на АМЛ системот денес паѓа врз средната класа, малите компании и обичните граѓани. А мали меѓународни трансакции, фриленсерски приходи, хонорарни плаќања, нестандардни девизни приливи или повлекување готовина предизвикуваат дополнителни проверки, административни процедури и барања за документација, иако реалниот ризик од финансиски криминал е минимален.
Причината лежи во фактот што современите АМЛ системи во значителна мера функционираат врз основа на статистички отстапувања и автоматизирани индикатори, а не врз основа на реална економска логика. Системот не анализира дали трансакцијата има суштинска економска оправданост, туку дали отстапува од „очекуваниот шаблон“ на однесување. На тој начин се создава феноменот на таканаречен „процедурален сомнеж“, каде формата добива поголема важност од суштината.
Дополнителен проблем, кој ретко се отвора во јавноста, е ограничениот аналитички капацитет во дел од AML секторите. Во многу случаи, службениците за усогласеност (Compliance Officers) се солидно обучени за регулаторни процедури, документација, административни протоколи и формална усогласеност. Но современиот финансиски криминал денес бара сосема поинаков профил на експертиза, како на пример, форензичка финансиска анализа, препознавање мрежни шеми, разбирање корпоративни структури, проценка на економска логика и способност за аналитичко поврзување комплексни финансиски текови.
И тука се создава суштинскиот институционален јаз: современиот финансиски криминал станува сè пософистициран, стратешки организиран и правно структуриран, додека голем дел од АМЛ системите остануваат административно ориентирани и процедурално фокусирани.
Поради тоа, системот станува исклучително ефикасен во откривање процедурални неправилности кај обични клиенти, но значително послаб во препознавање комплексни финансиски операции прикриени зад формално исправна документација.
Особено е важно да се разбере дека големата корупција денес ретко функционира преку класични „сомнителни“ трансакции. Напротив, современите коруптивни модели најчесто се движат низ легални економски структури, јавни набавки, инфраструктурни проекти, консултантски договори, подизведувачки мрежи, корпоративни услуги и институционално легитимирани финансиски шеми.
Средствата најпрво влегуваат во системот преку формално легитимни економски активности. Потоа се распределуваат низ компании, подизведувачи и посреднички структури. Документацијата ја легитимираат адвокати, ревизори и сметководители, а трансакциите формално изгледаат усогласени со деловната активност. Во такви услови, банкарските системи ги третираат трансакциите како нормална корпоративна активност, бидејќи формално не постои јасна или видлива отстапување.
Токму тука лежи еден од најголемите парадокси на современиот АМЛ модел: системот е значително поефикасен во откривање „неправилни поединци“ отколку во откривање институционализирана корупција интегрирана во формално легални економски структури.
Дополнителен притисок врз банките создава и самиот меѓународен АМЛ систем, предводен од организации како Financial Action Task Force, International Monetary Fund и European Union. Во пракса, земјите се оценуваат според бројот на извештаи за сомнителни трансакции, постоењето на формални процедури и степенот на регулаторна усогласеност. Ова создава системски стимул за квантитет наместо за квалитет, односно за масовно административно пријавување наместо за вистинска финансиска интелигенција.
Последиците од ваквиот модел не се само административни, туку и економски. Во услови кога државата настојува да привлече инвестиции и да ја зголеми економската динамика, прекумерната банкарска претпазливост создава забавување на процесите, одложување на отворање сметки, дополнителни проверки, блокади и неизвесност кај инвеститорите.
Особено значаен е феноменот на „de-risking“, односно ситуација во која банките однапред избегнуваат цели категории клиенти, економски сектори или трансакциски профили поради проценет регулаторен ризик. Наместо управување со ризикот, се создава систем на избегнување на ризикот. Последицата е намалена банкарска достапност дури и за целосно легитимни економски субјекти.
Во такви услови, прашањето за банкарската ефикасност повеќе не е само финансиско или техничко прашање, туку станува директно прашање на економска конкурентност. Меѓународните споредби покажуваат дека суштинската разлика не е помеѓу „строг“ и „слаб“ АМЛ систем, туку помеѓу интелигентен и ретардиран административен АМЛ модел.
Сингапур успеа да изгради високо аналитички систем каде нискоризичните клиенти имаат брзи и ефикасни процедури, додека високоризичните структури се предмет на длабинска анализа. Швајцарија функционира врз основа на институционална дисциплина, висока професионализација и селективен банкарски пристап. Обединетите Арапски Емирати, пак, долго време ја фаворизираа брзината на капиталните приливи, пред постепено да воведат построги AML механизми под меѓународен притисок.
Во помали балкански системи, доминира комбинација од прекумерна процедуралност, страв од регулаторни санкции, административна претпазливост и ограничен аналитички капацитет. И токму заради тоа, системот создава висок степен на административен товар, без притоа да покаже пропорционална ефикасност во борбата против финансиски криминал.
Така се создава суштинскиот парадокс на современиот АМЛ модел: доколку системот е премногу слаб, се намалува довербата кај инвеститорите и меѓународните финансиски институции; но доколку е премногу бирократски, ригиден и процедурално агресивен, се создава економско триење што ја намалува конкурентноста на економијата и ја забавува деловната активност.
Клучното прашање денес не е дали АМЛ треба да биде „посилен“ или „послаб“, туку дали може да стане попрецизен, поаналитички и институционално поинтелигентен?
Доколку Македонија сака истовремено да ја зајакне финансиската безбедност и да го забрза економскиот развој, неопходен е премин кон поинтелигентен АМЛ модел. Тоа подразбира вистинска ризична сегментација, каде нискоризичните граѓани и компании нема да се третираат со ист интензитет како комплексните високоризични структури. Потребно е и намалување на дефанзивната банкарска усогласеност преку појасни регулаторни насоки и поголема институционална сигурност за банкарските службеници.
Истовремено, неопходно е инвестирање во аналитички капацитети, форензичка финансиска анализа, дигитални алатки и специјализирана обука за современи финансиски истраги. Модерниот финансиски криминал денес бара аналитичари способни да препознаваат економска нелогичност и комплексни корпоративни шеми, а не само административни отстапувања.
Државата и банкарскиот сектор треба да создадат побрзи и попредвидливи процедури за легитимни инвеститори и компании, бидејќи во современата глобална економија брзината и предвидливоста на банкарските услуги веќе претставуваат дел од економската конкурентност на една држава.
АМЛ како пречка за инвестициската дипломатија и приливот на странски капитал
Дополнително загрижувачки е фактот што актуелната примена на AML механизмите во одредени случаи создава сериозни бариери токму кон оние пазари од кои државата активно се обидува да привлече капитал и инвестиции. Во изминатиот период, македонските институции интензивно ги промовираа економските потенцијали на државата пред земјите од Заливот, како Катар, Саудиска Арабија, Кувајт, Оман и Бахреин, претставувајќи ја Македонија како стабилна и атрактивна бизнис дестинација.
Паралелно со тие напори, реалноста во банкарскиот сектор испраќа сосема поинаква порака. Во пракса, значителен дел од клиентите и инвеститорите кои доаѓаат од овие држави автоматски се третираат како високоризични субјекти врз основа на ригидни и генерализирани алгоритамски проценки, без доволна индивидуална аналитичка проценка на конкретниот клиент или трансакција.
Последиците од таквиот пристап се сериозни: пролонгирани процедури, дополнителни проверки, блокирани трансакции, административни компликации и обесхрабрување на потенцијални инвеститори уште во првата фаза на контакт со финансискиот систем. Во пракса, тоа создава ситуација во која државата дипломатски и економски се обидува да привлече капитал од одредени региони, додека делови од банкарскиот систем фактички го отежнуваат или дури го оневозможуваат неговото нормално влегување во економијата.
Постојат бројни конкретни случаи што ја потврдуваат оваа појава и кои укажуваат дека проблемот не е изолиран инцидент, туку поширок структурен модел на претерана и недоволно прецизна ризична категоризација.
Затоа, реформата на АМЛ системот повеќе не треба да се гледа само како регулаторно или техничко прашање, туку како прашање од директен економски и стратешки интерес за државата. Времето за прецизна, аналитички понапредна и економски порационална реформа е сега, пред административната претпазливост да стане долгорочна пречка за економскиот развој и привлекувањето капитал.
Доколку Македонија успее да изгради попрецизен, аналитички пософистициран и економски порационален АМЛ модел, веднаш ќе ја зајакне сопствената финансиска репутација, да привлече посериозни инвестиции, да го намали непотребниот административен товар врз граѓаните и компаниите и да ја подобри реалната способност за борба против финансиски криминал. Доколку истиот пристап продолжи, постои реален ризик Македонија постепено да ја изгуби конкурентноста во однос на други регионални дестинации кои нудат побрзи, попредвидливи и пофункционални банкарски процедури за странски инвеститори.








