домаМакедонијаГаздата годишно „кешира“ речиси 13.000 евра, а секој изработен час го плаќа...

Газдата годишно „кешира“ речиси 13.000 евра, а секој изработен час го плаќа 7,3 евра

- Advertisement -spot_img

Платата што ја добива работникот на сметка не е и целата сметка што ја плаќа газдата. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, еден вработен во просек го чини работодавецот речиси 13.000 евра годишно. Тоа се околу 1.070 евра месечно, додека еден фактички одработен час чини околу 7,3 евра. Но, разликите се големи – најскап е кадарот во информации и комуникации, а најевтини се вработените во хотелите и во рестораните.

Кога ќе кажеме дека некој зема плата од одредена сума, најчесто тука завршува приказната. Но, за работодавецот сметката не завршува со износот што му се исплаќа на вработениот. Зад едно работно место стојат плати, придонеси и други трошоци, па кога ќе се собере сето тоа, сумата станува значително поголема.

Според податоците на анкетата за цената на трудот за 2024 година, на Државниот завод за статистика, што ја објави тој деновиве, еден вработен во Македонија во просек го чинел работодавецот 788.066 денари (околу 12.800 евра) годишно. Кога ќе се подели оваа сума на 12 месеци, тоа се околу 65.700 денари (околу 1.068 евра) месечно.

Секако, ова не значи дека работникот ставил толку пари во својот паричник. Станува збор за просечниот вкупен трошок што го има работодавецот за еден вработен. Со други зборови, платата што ја гледаме на платниот список е само еден дел од целата сметка.

Интересна е и пресметката на ДЗС за работен час. Во текот на 2024 година, еден фактички одработен час во просек го чинел работодавецот 450 денари (околу 7,3 евра). Просечно, еден вработен во текот на годината имал 1.752 фактички одработени часа.

Но, кога ќе се погледнат податоците по дејности, станува јасно дека не чини секој работник исто. Разликите се прилично големи, а меѓу највисоките трошоци се оние за вработените во секторот информации и комуникации. Таму, просечниот годишен трошок за еден вработен достигнал 1.453.846 денари. Ако се подели оваа сума на 12 месеци, излегува дека еден вработен во овој сектор во просек го чинел работодавецот околу 121.000 денари месечно.

Тоа е значително над државниот просек од 788.066 денари годишно. Разликата покажува колку многу може да се разликува цената на еден вработен зависно од тоа во која дејност работи, каков кадар се бара и какви се платите и другите трошоци во конкретниот сектор.

Бројките покажуваат дека не е исто да се работи во ИТ-компанија, во производство, во трговија, во угостителство или во некоја друга дејност. Секој сектор има своја структура на трошоци, а тоа директно се гледа и во статистиката. Втор сектор по високи трошоци е снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што годишниот трошок за вработен изнесува 1.116. 070 денари, а на трето место е секторот финансиски дејности и дејности на осигурување, со годишен трошок во просек од 1.101.922 денари.

Еден вработен во секторот градежништво ги чини газдите 773.812 денари (12.600 евра). На дното од листата е секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, во кој спаѓаат хотелите и рестораните и вработените во овие објекти ги чинат газдите само 565.491 денари годишно.

Има разлики и според местото каде што работи човекот. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека цената на трудот не е иста во сите делови на земјата. Највисоките просечни трошоци по вработен се регистрирани во Скопскиот Регион, каде што се концентрирани голем дел од компаниите и работните места со повисоки примања. Во другите региони, просечните трошоци се различни, што повторно покажува дека македонскиот пазар на трудот не е ист насекаде. Она што се плаќа за еден вработен во главниот град не мора да биде исто со трошокот за работник во друг дел од земјата.

Кога ќе се претвори целата годишна сметка во часови, бројката станува уште полесна за разбирање. Просечниот фактички одработен час во 2024 година чинел 450 денари. Тоа не значи дека работникот заработувал 450 денари за секој час што го поминал на работното место. Станува збор за трошокот на работодавецот пресметан врз основа на вкупните трошоци и фактички одработените часови.

Во просек, еден вработен во текот на годината одработил 1.752 часа. Кога ќе се стават овие бројки една до друга, се добива појасна слика за тоа колку чини работната сила во македонската економија. Имено, просечниот годишен трошок од 788.066 денари покажува колкава е целата финансиска тежина на едно работно место, додека податокот од 450 денари за еден фактички одработен час покажува колку чини секој час вложен труд.

Бројките од анкетата за цената на трудот покажуваат дека вредноста во пари на едно работно место и платата што ја зема работникот не се иста работа.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img