Само во првите десет месеци од годинава, во македонската метропола, полицијата открила вкупно 90 кривични дела неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, за што се преземени мерки на кривичен прогон против 99 сторители. – Искуствата од терен укажуваат на изложеност на децата и на младите на различни психоактивни супстанции уште на рана возраст – наведуваат од граѓанската организација ХЕРА.
Скопската полиција секој трет ден приведува по еден дилер на дрогам која се почесто им се нуди и на малолетниците. Најчесто се продава марихуана, но сè повеќе и кокаин, амфетамин и други видови наркотици, чиј број на видови сè повеќе се зголемува. Општеството, пак, сè уште не прави доволно за да се спречи ширењето опојни дроги, особено кога се работи за младите генерации. Ваквите загрижувачки податоци произлегуваат од податоците и од сознанијата што ги доби весникот ВЕЧЕР од полицијата и од граѓанските организации што се занимаваат со намалувањето на тешките последици од употребата на дроги, како и од анкетните истражувања за раширеноста на наркотиците. Само во првите десет месеци од годинава, од јануари до октомври, полицијата открила бројни дилери на дроги.
– Во периодот јануари-октомври 2026 година, во областа на недозволената трговија со дрога, на подрачјето на СВР Скопје регистрирани се вкупно 90 кривични дела неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, за што се преземени мерки на кривичен прогон против 99 сторители – изјавија од МВР за весникот ВЕЧЕР.
Индикативно е и тоа какви сè видови дроги биле запленети: околу 30 килограми марихуана, околу 11 килограми кокаин, 958 грама амфетамин, 38 стебла, 22 парчиња и 5,4 грама семки од растението канабис сатива, 51,17 грама печурки со активна компонента псилоцибин, 115 грама грама хероин, еден милилитар масло хашиш, шест милилитри екстракт од канабис и во помал број, друг вид дрога.
За каков црн бизнис се работи, најдобро се гледа од фактот што еден грам марихуана на илегалниот пазар достигнува цена од 800 денари, а еден грам кокаин и до 6.000 денари. Односно, само запленетото количество марихуана достигнува вредност од околу 400.000 евра, а на кокаинот околу еден милион евра. Меѓутоа, проблемот е што никако значително да се намалат обемот на илегалното ширење и бројот на корисници во земјава. Според неофицијалните податоци, бројот на корисници на дрогите и натаму изнесува неколку илјади, но фактот што постојано има нови дилери на наркотици укажува дека и натаму се шири овој црн бизнис.
Деца изложени на супстанции уште на најрана возраст
Неофицијалните процени на граѓанските и на здравствените организации укажуваат дека меѓу 15 и 20 илјади лица во земјава се соочуваат со одреден степен на употреба или на злоупотреба на дроги, а најкритична и најактивна возрасна група корисници е младата популација меѓу 15 и 24 години. Скопје и Тетово се урбани центри во кои има најмногу корисници. Според податоците на Институтот за јавно здравје и ланското европско истражување со кое беа опфатени околу 900 лица во Македонија, марихуaната е и натаму најраспространета и најчесто користена недозволена супстанција во земјава. Околу 32 проценти од анкетираните активни корисници потврдиле консумација во изминатите 12 месеци, при што најчест мотив за користење е „ослободувањето од стрес и за релаксација“. Бензодиазепини и седативи користеле околу 25,9 отсто од анкетираните, а кокаинот бележи континуиран раст во урбаните средини, како популарен стимуланс, и е застапен кај околу 18,4 проценти од лицата што употребуваат супстанции. Секој петти анкетиран користел и синтетички дроги и други наркотици од новите генерации. Институциите и граѓанскиот сектор алармираат дека постојано опаѓа возрасната граница на корисниците. Регистрирани се случаи на малолетници, па дури и на деца во тинејџерските или во помладите години што експериментираат, главно, со марихуана и со амфетамини. Еден од најризичните јавни трендови е фактот што 53 отсто од корисниците на канабис во земјава признале дека управувале возило во рок од четири часа по консумирањето.
Од невладината организација ХЕРА изјавија за весникот ВЕЧЕР дека сè повеќе на удар се младите генерации.
– Според податоците од анкетата на ESPAD 2024м, кај учениците на возраст од 15 до 16 години, 6,4 отсто пријавиле употреба на некоја недозволена дрога барем еднаш во животот, наспроти 13 отсто од европскиот просек. За канабисот, процентот изнесува 5,5 отсто, наспроти 12 проценти на европско ниво. Овие бројки, сепак, не ја отсликуваат целосно реалната состојба, бидејќи истражувањето опфаќа ученици што се дел од образовниот систем, а не и деца и млади што се надвор од него, вклучително и оние што живеат во особено ранливи и маргинализирани услови. Дополнително, искуствата од терен укажуваат на изложеност на децата и на младите на различни психоактивни супстанции уште на рана возраст – наведуваат од оваа граѓанска организација.
Оттаму потенцираат дека не смее да се ограничи процената на проблемот само на резултатите од училишните истражувања.
– Во нашето искуство и преку работата на терен, се среќаваме со исклучително ранливи деца, вклучително и деца изложени на супстанции уште на најраната возраст. Дополнителен проблем е што државата нема воспоставено соодветен систем за превенција и третман на малолетниците што употребуваат психоактивни супстанции. Недостигаат специјализирани програми, национални стандарди за третман, обучен стручен кадар и достапни услуги за рехабилитација. Тоа значи дека дури и кога ќе биде препознаена ризичната употреба, не постои доволно развиен систем што ќе обезбеди соодветна и континуирана поддршка за детето и за неговото семејство – наведуваат од ХЕРА за весникот ВЕЧЕР.
Не е доволно да се реагира кога ќе се појави зависност
Она што особено загрижува кога се работи за изложеноста на младите генерации на употребата на дроги, кои сè повеќе им ги нудат дилерите, е фактот што не постои заокружен систем што би почнувал со поголема превенција, а би завршувал со медицинска грижа на зависниците. И народниот правобранител во својот минатогодишен извештај наведе дека различните институции имаат различни бројки за децата што користеле дроги. Па така, во периодот од 1 јануари 2023 до 1 јуни 2024 година, центрите за социјална работа евидентирале 31 дете во 2023 година и 19 нови случаи до јуни 2024 година, МВР евидентирало 85 регистрирани деца во 2023 година и уште 45 нови случаи до јуни 2024 година, додека според граѓанската организација ХЕРА, регистрирани се 56 деца во 2023 година и 35 нови случаи до јуни 2024 година. Во извештајот се бара развој на национална програма за третман и рехабилитација преку воспоставување специјализирани здравствени и социјални услуги за децата корисници на дроги, унапредување на превентивните мерки…
И од ХЕРА предупредуваат дека во моментов, државата нема доволно развиен и функционален систем што истовремено ќе обезбеди превенција, рано препознавање, третман и рехабилитација на лицата што употребуваат дроги.
– Особено е загрижувачки што нема соодветно организирани и достапни програми за третман на малолетниците, ниту национални стандарди и доволно обучен стручен кадар што би работел со оваа категорија деца и млади. Дополнително, националната стратегија за дроги за периодот 2021-2025 истече, а новата стратегија и континуитетот на националните политики мора да станат приоритет. Недостига функционален механизам за координација меѓу институциите, како и систем за рано предупредување за нови психоактивни супстанции. Ова е особено важно во услови кога постојано се менува пазарот на дроги, се појавуваат нови супстанции и производи, а нивниот состав и ризиците не секогаш се познати – наведуваат од ХЕРА.
Односно, дека е потребно државата, конечно, да го препознае проблемот како приоритет.
– Не е доволно да реагираме кога веќе ќе се појави зависност или сериозна здравствена последица – мора да имаме систем што ќе превенира, ќе препознава и ќе обезбедува помош навреме – потенцираат од оваа организација.
https://www.vecer.press/sekoj-mesecz-se-apsat-po-desetmina-dileri-na-droga-im-ja-nudat-i-na-deczata/






