Економскиот раст како поим не е доволен за да ги задржи младите без истото да го чувствуваат во нивното секојдневие, а политичките блокади не смеат да бидат изговор за одложување на реформите. Македонија мора да се развива денес, а не да чека утре да стане членка на Европската Унија.
Најновиот извештај на Европската комисија за Македонија, објавен на 4 ноември 2026 година, е многу повеќе од редовна годишна оценка. Тој е сериозно предупредување за држава која постепено го губи својот највреден ресурс, младите луѓе.
Со години, политичката дебата се сведува на уставни измени, билатерални спорови и отворање на преговарачките кластери. Во меѓувреме, младите заминуваат не само поради повисоките плати во економски поразвиените земји, туку и поради недовербата во институциите, партизацијата, корупцијата и чувството дека успехот почесто зависи од познанства отколку од знаење и труд.
Истите проблеми ги препознава и Европската Комисија. Нејзината порака мора да стигне на две адреси: до македонските власти, кои мора да ги забрзаат реформите, и до Брисел, кој треба да преиспита дали постојаните политички условувања придонесуваат за европеизација на земјата.
Економијата расте, но довербата опаѓа
Македонската економија во 2025 година порасна за 3,5 %, значително над просекот на ЕУ од околу 1,5 %. Германија оствари раст од само 0,2 %, а Италија и Унгарија околу 0,5 %. Но, растот сам по себе не гарантира подобар живот, особено кога почетната економска основа е многу пониска.
Дополнително загрижува што беа реализирани само 64,6 % од ревидираниот план за капитални расходи. Тоа може да значи помалку инвестиции во училишта, болници, патишта и инфраструктура, токму во областите што влијаат врз квалитетот на животот и одлуката на младите да останат или да заминат.
Невработеноста како демографска закана
Невработеноста кај младите од 15 до 24 години во 2025 година изнесуваше 29,4 %, наспроти околу 15,2 % во ЕУ. Сепак, ова не е исклучиво македонски проблем: Романија бележи 26,1 %, Шпанија 24,9 %, Шведска 24,3 %, а Италија 20,6 %.
Македонија има сериозен структурен проблем, но споредбата покажува дека ниту членството во ЕУ автоматски ги решава економските предизвици. Разликата е во тоа што младите во земјите членки имаат пристап до единствениот европски пазар на труд, додека младите Македонци се соочуваат со дополнителни пречки.
За држава со околу 1,8 милиони жители, секој млад човек што трајно заминува претставува потенцијална загуба на знаење, работна сила, даночни приходи и демографски потенцијал, чии последици ќе се чувствуваат со децении.
Корупцијата не завршува на границите на ЕУ
Комисијата констатира дека нема напредок во борбата против корупцијата. Високопрофилните предмети се одолговлекуваат, дел застаруваат, а независноста на институциите останува предизвик.
Според Индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнел“ за 2025 година, Македонија има 40 поени, исто како Бугарија и Унгарија, додека Романија има 45, а Хрватска 47. Според „Репортери без граници“ за 2026 година, Македонија е на 45. место по медиумски слободи, пред Унгарија (74.) и Грција (86.).
Ова не ги оправдува нашите недостатоци, но го отвора прашањето дали Македонија би можела да ги продолжи преговорите под построг мониторинг.
Впрочем, токму тоа е суштината на ревидираната методологија за проширување и принципот „Прво темелите“ (Fundamentals First). Кластерот 1 – „Темели“, кој ги опфаќа владеењето на правото, демократските институции, реформата на јавната администрација и економските критериуми, се отвора прв, а се затвора последен. Напредокот во овие области го определува целокупното темпо на преговорите.
ЕУ, според тоа, веќе располага со механизми за следење, условување и забавување на преговорите доколку реформите стагнираат.
Уставните измени и европската перспектива
Европската комисија потврдува дека скрининг-извештаите за сите шест преговарачки кластери се доставени до Советот на ЕУ. Сепак, уставните измени предвидени со заклучоците од 2022 година остануваат неисполнети, а продолжува и подготовката на преостанатите мерила за отворање на кластерот „Темели“.
Европската историја покажува дека постојат различни дипломатски пристапи кон нерешените билатерални прашања. Кипар пристапи во 2004 година и покрај поделбата на островот, додека Словенија и Хрватска дел од граничните прашања ги решаваа преку дополнителни дипломатски и правни механизми.
Иако случаите не се идентични, тие отвораат простор за разгледување поинаква временска рамка за уставните обврски, со соодветни гаранции и согласност од земјите членки.
Отворањето на кластерите не значи автоматско членство, туку систематско усогласување со европското законодавство, исполнување на преговарачките мерила и континуирана проверка на резултатите. Со политичка волја и исполнување на реформските обврски, Македонија би можела значително побрзо да напредува во повеќе преговарачки поглавја паралелно.
Македонија веќе покажува дека е сигурен европски партнер
Извештајот препознава и позитивни резултати. Македонија има целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и санкциите поради руската агресија врз Украина, во време кога и самата Унија се соочува со внатрешни несогласувања.
Комисијата бележи добар напредок и во дигиталната трансформација, науката и истражувањето, што покажува дека Македонија има капацитет за успешно усогласување со европските стандарди.
Но, европскиот застој не смее да биде изговор за домашната неактивност. Не ни треба членство во ЕУ за да изградиме независно судство, професионална администрација, подобри училишта и болници, ниту за да создадеме услови за враќање на младите и привлекување инвестиции од дијаспората.
Конкретниот реформски напредок е најсилниот аргумент со кој Македонија може да ги убеди европските партнери дека билатералните прашања не треба бесконечно да го блокираат пристапниот процес.
Најголеми добитници од сегашниот демографски тренд се токму државите во кои нашите млади заминуваат во потрага по подобар живот. Тие добиваат образовани, способни и амбициозни луѓе, додека Македонија го губи човечкиот потенцијал во кој вложувала со децении.
Затоа, вистинското прашање не е само кога Македонија ќе стане членка на Европската Унија, туку колку млади Македонци ќе останат да го дочекаат тој ден во сопствената татковина.
(Авторот е директор на Обединетата македонска дијаспора за Македонија и Европа)
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)
https://www.vecer.press/kolumna-gordan-jordanov-makedonija-go-plaka-zastojot-vo-eu-so-svojata-idnina/






