домаМакедонијаПроизводителите најавуваат поскапување на јајцата, месото, лебот… инспекторите ќе ловат лажни попусти

Производителите најавуваат поскапување на јајцата, месото, лебот… инспекторите ќе ловат лажни попусти

- Advertisement -spot_img

Цените растат, потрошувачката кошница е сè попразна и сè поголем дел од платата завршува за основните прехранбени производи и за секојдневните потреби. За граѓаните, борбата да се покријат месечните трошоци станува сè потешка, додека синдикатите предупредуваат дека продолжува да слабее куповната моќ и бараат конкретни мерки за заштита на животниот стандард. Опозицијата ја обвинува Владата дека не презема доволно за да го ублажи ценовниот притисок, а од Владата уверуваат дека внимателно се следи состојбата и дека не се исклучени дополнителни интервенции доколку се утврди потреба. Во услови кога растат основните трошоци побрзо од можностите на многу домаќинства, прашањето колку навистина вреди една плата повторно станува централно економско прашање.

Производителите на свинско месо најавуваат зголемување на цената за околу пет проценти на ниво на фарма, но останува да се види колкав дел од поскапувањето ќе се одрази и на цените во малопродажбата. Промени во цените се очекуваат и кај јајцата. Според најавите, можно е нивно поскапување во периодот до завршувањето на празниците, односно до крајот на јануари. Во меѓувреме, пекарската индустрија веќе со недели предупредува за можно зголемување на цената на лебот, главно поради поскапувањето на енергенсите.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, изјави за весникот ВЕЧЕР дека повеќе инспекциски тимови постојано се на терен и ја следат состојбата со цените на основните прехранбени производи, со цел да утврдат дали има неоправдано поскапување.

– Инспекторите ги проверуваат влезните фактури и висината на бруто профитните маржи. Генерално, нема големи промени во однос на маржите и, споредено со лани, тие се речиси на исто ниво, тоа го потврдуваат и статистичките податоци. Состојбата со маржите е стабилна и нема драстични промени какви што имаше претходно кај одредени берзански производи. Има најави за зголемување на цените на некои производи, како што се јајцата, но според објаснувањата на производителите, причината не се зголемените трошоци, туку вообичаеното намалување на приносот во текот на зимските месеци – вели Стојкоски.
Тој најави и засилени инспекциски контроли пред новогодишните празници, со фокус на спречување на т.н. лажни попусти.

– Вообичаено, пред новогодишните празници има големи попусти и акции. Поради тоа, ќе има засилени инспекциски контроли на терен, со цел потрошувачите да не бидат доведени во заблуда, односно да мислат дека купуваат производ по намалена цена, а, всушност, ја плаќаат неговата реална цена – додава директорот на Пазарниот инспекторат.
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, потврди дека Пазарниот инспекторат го контролира целиот синџир на снабдување – од производителите, преку дистрибутерите, до трговците, со цел најавеното зголемување на цените од околу пет проценти да не прерасне во поскапување од 20 или 30 проценти.

– Кога се издава налог за контрола, Пазарниот инспекторат го проверува целиот синџир – производителот, дистрибутерот и трговецот, при што се следи бруто профитната маржа да не надминува 15 проценти. Ќе се обидеме да им излеземе во пресрет на граѓаните. Доколку утврдиме зголемување на бруто профитните маржи, имаме соодветни мерки со кои можеме да ги ограничиме цените – изјави Дурмиши.
Поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, смета дека се потребни мерки за спречување на прекумерниот раст на цените на храната, но нагласува дека мора да бидат внимателно осмислени, привремени и економски оправдани. Според него, високите цени на храната особено ги погодуваат домаќинствата со пониски примања, бидејќи храната зазема значителен дел од нивната потрошувачка кошничка.

– Сметам дека се потребни мерки за спречување на прекумерниот раст на цените на храната, но тие мора да бидат внимателно дизајнирани, привремени и економски оправдани. Храната не е обичен потрошувачки производ, бидејќи има големо учество во потрошувачката кошничка. Тоа учество е пропорционално повисоко отколку во другите земји од регионот и од Европа. Од високите цени на храната особено се погодени граѓаните со пониски примања. Затоа поскапувањето на храната директно го намалува животниот стандард и придонесува за зголемување на сиромаштијата – изјави Миноски за весникот ВЕЧЕР.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија предупредуваат дека се троши сè поголем дел од семејниот буџет за основните животни потреби, додека платите сè потешко го следат растот на цените.

Последните пресметки покажуваат дека растат и синдикалната минимална кошница и владината потрошувачка кошница, но разликата меѓу нив останува поголема од 11.000 денари. Според ССМ, за покривање на основните месечни трошоци во ноември биле потребни 70.827 денари, додека според Министерството за економија и труд, просечната потрошувачка кошница во октомври изнесувала 59.149 денари. Доколку се вклучат и трошоците за изнајмување стан од 60 квадратни метри, синдикалната минимална кошница достигнува 86.202 денари.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вели дека не може да се оценува реалниот животен стандард само преку статистичките показатели и стапките на инфлација, туку, пред сè, преку тоа колку производи и услуги може да си дозволи еден работник со својата плата.

– Не може да зборуваме за подобрување на животниот стандард само преку статистичките податоци и официјалните стапки на инфлација. Важно е колку производи може да купи еден работник со својата плата – изјави Трендафилов.
Според него, потребен е поголем надзор врз формирањето на цените и трговските маржи, особено кај основните прехранбени производи. Тој предупредува дека кризата и зголемените трошоци не смеат да бидат оправдување за неоправдано зголемување на профитите на товар на граѓаните.

– Не смее кризата, инфлацијата или зголемените трошоци да бидат изговор за неоправдано зголемување на профитите на сметка на граѓаните – вели Трендафилов.
Од Синдикатот сметаат дека се потребни мерки што ќе придонесат за зачувување на куповната моќ и за намалување на притисокот врз семејниот буџет. Велат дека работниците не треба само да преживуваат од плата до плата, туку да можат достоинствено да живеат од својот труд.

Растот на трошоците за живот предизвика реакции и кај опозициските партии, кои оценуваат дека поскапувањето претставува сериозен предизвик за граѓаните и бараат ограничување на маржите кај основните производи, засилени инспекциски контроли и построг надзор врз формирањето на цените, оценувајќи дека државата треба поактивно да интервенира на пазарот.

Додека институциите ги следат цените и најавуваат можни мерки, за граѓаните притисокот врз семејниот буџет останува секојдневна реалност. Разликата меѓу платите и трошоците за живот сè поочигледно се чувствува при секое пазарување, а главното прашање останува дали ќе донесат најавените политики реално олеснување за домаќинствата.

https://www.vecer.press/proizvoditelite-najavuvaat-poskapuvane-na-jajczata-mesoto-lebot-inspektorite-ke-lovat-lazhni-popusti/

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img