Позајмица од 30.000 денари за три и пол години достигнала долг од 115.000 денари. Ова е еден од случаите за кои граѓани побарале заштита од Народниот правобранител, до чија канцеларија од почетокот на годинава пристигнале десетина претставки за работењето на финансиските друштва што одобруваат брзи кредити.
Случајот покажува како долгот може значително да ја надмине првично позајмената сума. Високите трошоци и дополнителните надоместоци го отвораат прашањето за заштитата на корисниците на ваквите кредити.
Министерството за финансии подготвува нов закон за финансиските друштва, со кој се предвидуваат построги правила за секторот, ограничување на трошоците за кредитирање и поголема заштита на граѓаните.
Најавени нови санкции
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави нови санкции до крајот на годинава, вклучително и одземање дозволи за работа.
Во последните три месеци, по вонредни контроли, две финансиски друштва добиле парични казни и привремена забрана за одобрување кредити во траење од 30 дена.
Неправилности кај 18 финансиски друштва
Пропусти во работењето покажале и контролите на Државниот пазарен инспекторат. Неправилности биле констатирани кај 18 од вкупно 27 лиценцирани финансиски друштва, при што биле изречени казни од над 3,5 милиони денари.
Повеќе од 26.000 граѓани треба да добијат поврат на незаконски наплатени средства, во вкупна вредност од над 140 милиони денари.
Пријави до Министерството за финансии
Од Министерството за финансии ги повикуваат граѓаните кои сметаат дека се оштетени да ги пријават неправилностите.
Пријава може да се достави преку архивата на Министерството, по пошта или на електронската адреса prijavafd@finance.gov.mk.






