Албанскиот премиер Еди Рама, во интервју за порталот „Коха“ од Македонија, говорејќи за употребата на албанскиот јазик во земјава, истакна дека во комуникацијата со премиерот Христијан Мицкоски не забележал резерви кон албанскиот јазик, ниту, пак, тенденција за супериорност на македонскиот над албанскиот јазик.
„Премиерот Мицкоски во ниту еден момент не ми остави впечаток дека има резерви кон албанскиот јазик или дека има пристап на супериорност на македонскиот јазик над албанскиот.
Секако, тоа не значи дека нема да бидеме будни и внимателни, ниту дека можеме да толерираме какво било уназадување во однос на јазикот“, изјави Рама.
Албанскиот премиер посочи дека е информиран и од албанските политички партии за актуелните прашања поврзани со употребата на албанскиот јазик.
Рама се осврна и на дискусиите во врска со употребата на албанскиот јазик во судството, нагласувајќи дека постојат различни толкувања – од објективни потешкотии до тврдења за намерно попречување.
„Но, во моментот кога зборуваме, не сме во ситуација во која се соочуваме со конкретни факти поради кои би требало сите да се собереме и да кажеме – стоп“, истакна Рама.






