Премиерот Христијан Мицкоски вечерва присуствуваше на неформална вечера во организација на претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, со претседателите на државите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.
Како што информираше Мицкоски преку објава на својот фејсбук-профил, во фокусот на разговорите биле унапредувањето на регионалната соработка, добрососедските односи, стабилноста и европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
Премиерот ја нагласи важноста на дијалогот и меѓусебната доверба во градењето на заедничката иднина на регионот.
„Дијалогот, меѓусебната доверба и заедничката посветеност се клучни за изградба на стабилен, просперитетен и европски регион“, напиша Мицкоски.
Во својата објава премиерот не соопшти дополнителни детали за разговорите со регионалните лидери, ниту за евентуални конкретни договори и иницијативи.






