Нискиот наталитет и продолжениот животен век го зголемуваат притисокот врз пензискиот систем, во кој сè помалку работници ќе треба да финансираат сè повеќе пензионери. Пензиските друштва предупредуваат на потребата од навремени реформи, поширока база на вработени лица што ќе придонесуваат во пензискиот систем, како и од подобра инвестициска рамка за оплодување на акумулираниот капитал. Останува прашањето дали ќе обезбедат вториот пензиски столб и најавените законски измени долгорочна финансиска стабилност или се потребни подлабоки промени во пензискиот модел како што предлага Владата.
Македонскиот пензиски систем се соочува со предизвик што не може да се реши само со редовна исплата на пензиите и со краткорочни финансиски интервенции. Стареењето на населението, нискиот наталитет, продолжениот животен век и сè понеповолниот однос меѓу бројот на работници и пензионери отвораат сериозно прашање: кој ќе ги финансира пензиите на идните генерации и дали може сегашниот модел долгорочно да ја издржи демографската и економската реалност? Токму овие дилеми беа во фокусот на меѓународната конференција „Одржливи пензиски системи – меѓународни искуства и предизвици“, која се одржа во Скопје, во организација на трите пензиски друштва, во рамките на кампањата „Твоја патека, твоја иднина“.
Колку е сериозен проблемот, покажуваат и податоците презентирани од Татјана Бојковска, член на Управниот одбор на Сава пензиско друштво и секретар на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиските фондови (АДПФ), при претставувањето на Глобалниот пензиски индекс за 2026 година. Од 55 пензиски системи во светот опфатени со индексот, дури 43 имаат стапка на фертилитет под нивото потребно за проста репродукција на населението од 2,1 дете на жена, а кај 23 таа е под 1,5. Македонија е во уште понеповолна позиција, со стапка на фертилитет од само 1,4.
– Сè помалку работоспособни лица ќе треба да финансираат пензии за сè поголем број пензионери, и тоа во период што станува сè подолг – предупреди Бојковска, посочувајќи дека продолжувањето на животниот век дополнително ги зголемува обврските на пензиските системи.
Според презентираните податоци, во поразвиените региони преостанатиот животен век на лицата што достигнале 65 години е зголемен за 50,9 % во споредба со 1950 година. Во Македонија, растот изнесува 37 %. Подолгиот живот значи и подолг период во кој треба да се обезбедуваат пензиски примања, рече таа, но истовремено се поставува прашањето дали може растот на работната сила и уплатените придонеси да го следи овој тренд.
Бојковска предупреди дека не смеат да се водат реформите исклучиво од потребата за краткорочно смирување на состојбите.
– Постојат краткорочно болни одлуки, кои може да имаат позитивен ефект на долг рок, но и краткорочно смирувачки одлуки, кои може да имаат значително негативно влијание на долг рок – истакна таа.
Токму во оваа насока се отвора и прашањето за иднината на вториот пензиски столб, особено по критиките на премиерот Христијан Мицкоски дека пензиските друштва не ги остваруваат очекуваните цели. Претседателот на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиските фондови, Марјан Николовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР посочува дека официјалните показатели на МАПАС се единствениот релевантен извор за оценување на резултатите.
– Заклучно со 30 септември 2026 година, приносите од управување со средствата на задолжителните пензиски фондови се 5,48 % просечно во номинален износ и 2,27 % во реален износ. Сметаме дека е соодветно тоа на структурата на портфолијата на фондовите – вели Николовски.
Сепак, самите резултати отвораат и друго прашање: дали постојната законска и инвестициска рамка им овозможува на пензиските фондови да остваруваат повисоки приноси? Николовски смета дека има простор за промени. Во Собранието се во процедура законски измени со кои треба да се воведат т.н. мултифондови. Идејата е да се приспособува инвестициската стратегија на возраста на осигурениците: поагресивно инвестирање за помладите, балансирано портфолио за средовечните и поконзервативно за оние пред пензионирање.
Но, проблемот не е само во приносите. Сè поголем предизвик е и финансирањето на првиот пензиски столб, кој добива значителни средства од државниот буџет за редовна исплата на пензиите. Според Николовски, суштинската цел на воведувањето на вториот столб е долгорочно да се намалат обврските на државниот фонд. Во моментов, 6 % проценти од бруто-платата се уплаќаат во вториот столб, додека остатокот останува во ПИОМ.
– Кога ќе достасаат на ред поголемиот број осигуреници што ќе земаат пензија од комбиниран систем, од првиот и од вториот столб, товарот за исплата на пензијата ќе се подели некаде во сразмер што би требало да биде 50:50 – објаснува Николовски и вели дека ефектите од реформата позначително ќе се почувствуваат за 20 до 25 години.
Тој смета дека треба да се анализира и можноста за постепено зголемување на стапката на пензиските придонеси, но без целиот товар да падне врз сегашните редовни уплатувачи. Решението, според него, треба да се бара и во проширување на базата на придонесувачи и пријавување на реалните плати.
Дополнителна неизвесност носи и идејата за воведување хибриден пензиски модел. Николовски засега не сака да коментира без конкретен предлог, но предупредува дека секое евентуално префрлање на права или средства од вториот во првиот столб автоматски значи и пренесување обврски, чии долгорочни последици мора внимателно да се пресметаат.
Пораката на конференцијата беше дека пензиската реформа не е прашање само на институциите и финансиските пресметки туку и на меѓугенерациската одговорност. Како што истакна Сузана Бошковска-Златаревска од КБ Прво пензиско друштво, пензискиот систем е многу повеќе од механизам за обезбедување приходи по завршувањето на работниот век.
– Одлуките што ги носиме денес, политиките што ги креираме и начинот на кој управуваме со пензиските средства имаат влијание што се протега со децении нанапред – порача таа.
Од конференцијата беше нагласено дека клучното прашање не е само колку пензиски средства се акумулираат денес туку и дали државата навреме ќе ги донесе одлуките што ќе ја обезбедат нивната одржливост утре. Бидејќи, како што беше потенцирано, пензиските заштеди не се трошок на сегашноста, туку обврска кон иднината.
Инаку, на глобалниот пензиски индекс најдобр орангирана е Холандија, а најниско рангирана е Аргентина. Германија е интересен случај, затоа што сега влегува во дебати и активности за зачувување на задолжителното капитално финансираната компонента од пензискиот систем. Хрватска е посочена како убаво изненадување на рангирањето и убав пример во регионот. Исто така, и Бугарија е меѓу најдобро оценетите системи. Во Бугарија, задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување постои од 2002 година и на крајот од јуни 2026 година вкупните средства од управувањето со пензиските придонеси на осигурениците изнесуваа 17,5 милијарди евра.
https://www.vecer.press/se-pomalku-rabotniczi-ke-izdrzhuvaat-se-poveke-penzioneri/






