Министерот за односи меѓу заедниците, Агрон Ферати, денеска, по повод Денот на албанската азбука и ноемвриските празници, ја отвори манифестацијата организирана во Културно-информативниот центар (КИЦ), на која беа доделени плакети на наставниците.
Во своето обраќање, Ферати истакна дека одбележувањето на Денот на албанската азбука не претставува само потсетување на еден историски настан и одлуката за унифицирање на албанската азбука, туку и исклучителен обид за обединување на еден народ преку јазикот, знаењето и културата.
Тој потсети дека во Битола, луѓе со различни убедувања, потекло и ставови успеале да сфатат дека, надвор од разликите, постои многу поголема одговорност: иднината на албанскиот јазик и на генерациите што ќе го наследат.
„И токму тука лежи величината на тој настан. Тие не размислувале само за времето во кое живееле, туку и за генерациите што ќе дојдат по нив“, истакна Ферати.
Обраќајќи им се на присутните, министерот изрази посебна благодарност и до ветераните на албанското образование, оценувајќи го нивниот долгогодишен придонес во образованието и воспитувањето на бројни генерации.
„Денес сме благодарни и за вашата дејност како ветерани на албанското образование, за тоа што образувавте генерации и генерации и ни овозможивте денес да зборуваме за држава, за институции, за Европската Унија, за интеграција итн.“, рече Ферати.
На крајот од обраќањето, министерот Агрон Ферати упати честитки по повод ноемвриските празници и Денот на албанската азбука.
„Честити ноемвриските празници, честит Денот на албанската азбука!“, порача тој.






