Иако купувањето преку Интернет станува сè поприсутно во секојдневието на граѓаните, кога ќе дојде моментот за плаќање, плаќањето во кеш и понатаму е првиот избор за половината од нив. Дури 50 проценти од онлајн купувачите плаќаат исклучиво во готовина при доставувањето, додека само секој осми целосно користи дигитално плаќање. Ова го покажува најновата анализа на платежните навики во домашната е-трговија, која открива значителен јаз меѓу пристапот до банкарските услуги и нивната реална употреба.
Иако 84,3 проценти од возрасното население имаат сметка во финансиска институција, а 75,2 проценти поседуваат дебитна картичка, дигиталното плаќање сè уште заостанува. Само 27,4 проценти користеле мобилен телефон или Интернет за плаќање сметки, а 28 проценти за купување производи и услуги. За споредба, кај економиите со повисок среден доход, овие удели се над 60 проценти.
Подеталната анализа на 263 испитаници што купувале физички производи преку Интернет покажува дека 50 проценти плаќаат исклучиво во готовина при доставата, 37,2 проценти комбинираат готовинско и онлајн плаќање, а само 12,7 проценти плаќаат исклучиво дигитално. Тоа значи дека дури 87,3 проценти користат готовина барем понекогаш.
Возраста е еден од најзначајните фактори за изборот на начин на плаќање. Кај онлајн купувачите на возраст од 15 до 34 години, 40,3 проценти плаќаат исклучиво во готовина. Кај оние од 35 до 54 години уделот е 49,4 проценти, додека кај лицата над 55 години достигнува дури 81,8 проценти.
Има разлики има и според местото на живеење и според приходите. Во руралните средини, 60 проценти од онлајн купувачите плаќаат исклучиво во готовина наспроти 41,4 проценти во урбаните средини. Кај граѓаните со пониски приходи, овој удел изнесува 66,5 проценти, додека кај оние со повисоки приходи е 43,2 проценти. Полот, пак, речиси и да не влијае врз изборот на плаќање.
Наодите покажуваат дека не е проблемот во недостигот од банкарски сметки и платежни картички, туку во довербата и навиките на потрошувачите. Граѓаните се подготвени да купуваат преку Интернет, но сè уште претпочитаат да платат кога ќе пристигне производот на нивната врата.
За зголемување на дигиталното плаќање, потребни се поголема доверба во онлајн трансакциите, едукација на потрошувачите, поедноставно корисничко искуство и стимулации за користење на безготовинските методи. Целта не е укинување на плаќањето при доставувањето, туку создавање услови дигиталното плаќање да стане побезбедна, попрактична и попривлечна опција.
Зашто вистинската дигитализација на трговијата не завршува со нарачката преку Интернет, туку тогаш кога и плаќањето ќе стане дигитално.
https://www.vecer.press/keshot-czaruva-pri-onlajn-kupuvaneto-polovina-od-graganite-plakaat-pri-dostava/






