Извунување доби македонската заедница од градските власти на австралискиот град Мелбурн поради забраната на знамето од Кутлеш во март годинава на традиционалната градска парада „Мумба“. Тогаш, градоначалникот на австралискиот град Мелбурн Николас Рис, како и градскиот Совет, издадоа Директива според која учесниците на градскиот фестивал „Мумба 2026“ може да носат само официјални знамиња на државите од кои потекнуваат. Со тоа, на македонските играорни групи им бил поставен услов да може да го користат само официјалното државно знаме, но не и знамето со ѕвездата од Кутлеш. Тоа предизвика револт и разочарување меѓу македонското иселеништво кое, во најголем дел, го користи токму знамето од Кутлеш како свој етнички симбол. Поради тоа сите македонски фолклорни и игроорни групи решија да не настапат на традиционална парада која се одржува секоја година во овој град, а на која се слави и етничката разноликост на заедниците на петтиот континент.
По реакцијата на Федерацијата на македонските културно-уметнички друштва (ФОМКУД), која повлече 80 играорци од настанот поради забраната, Советот најави дека знамето повторно ќе може да се истакнува на идните изданија на парадата, објави „Еј-би-си њуз“.
По реакциите, Градскиот совет спроведе независна проверка, која утврди дека забраната имала „значително и ненамерно негативно влијание“ врз македонската заедница. Во извинувањето, претставничката на Советот, Сара Квон, напишала дека одлуката оставила многу играорци, семејства и претставници на заедницата со чувство дека нивниот културен идентитет и наследство не биле почитувани или соодветно разбрани.
-Искрено се извинувам – напиша Квон, додавајќи дека Советот ја поканил ФОМКУД да учествува на парадата во 2027 година, вклучително и со истакнување на знамето со Сонцето од Вергина.
Секретарот на ФОМКУД, Стој Јовевски, ја поздрави одлуката и рече дека македонската заедница чувствува олеснување.
-Ги обединува сите Македонци под едно знаме, под еден јазик, под една култура и традиција – изјави Јовевски.
Тој додаде дека одлуката на Советот е победа и за другите малцински заедници кои се соочуваат со ограничувања во изразувањето на својот идентитет и култура.
Од друга страна, грчкото Панмакедонско здружение на Мелбурн и Викторија, кое ја поддржа првичната забрана, го критикуваше Градскиот совет затоа што не се консултирал со нивната заедница пред да ја промени одлуката.
-Се чувствуваме како да ни го одземаат сопствениот идентитет. Многу сме вознемирени што воопшто не нè консултираа – изјави претседателот на грчкото здружение, Питер Стефанидис. (Б.Ѓ.)






