Косовската Агенција за храна и ветеринарство забрани увоз и врати две пратки млечни производи од Македонија, со вкупна тежина од 12.268 килограми, поради повторени неправилности поврзани со безбедноста на храната и хигиената во производството.
Станува збор за производи на „Млекара Тетово“, меѓу кои прехранбени кремови со растителни масти и производи од сирење, наменети за компанија од околината на Грачаница. Пратките биле запрени на граничниот премин Генерал Јанковиќ.
Како причина за забраната, воведена на 6 ноември, се наведуваат незадоволителни лабораториски резултати од претходни пратки, во кои било утврдено присуство на бактеријата ешерихија коли над дозволените граници.
Првата пратка тежела 7.368 килограми, а втората 4.900 килограми. Од косовската агенција информираат дека ниту една од нив не била пуштена во продажба на косовскиот пазар.






