Вкупно 72 локации во 64 општини низ државата се опремени со бесплатен безжичен интернет со брзина од 200 мегабити во секунда, преку проектот поддржан од Европската Унија и Германија, кој досега регистрираше над 200.000 корисници.
Ова беше соопштено на завршниот настан за иницијативата „ЕУ за Западен Балкан – Wi-Fi во Северна Македонија“, спроведена од ГИЗ во координација со Министерството за дигитална трансформација и Македонски Телеком. Преку поставената мрежа досега се пренесени повеќе од 115 терабајти податоци.
Евроамбасадорот Михаил Рокас истакна дека оваа иницијатива претставува конкретен пример за соработка во рамките на „Тим Европа“ и потврда за приоритетот што Европската Унија го дава на дигиталната поврзаност.
„Свесни сме дека руралните и планинските подрачја сè уште немаат соодветна интернет-покриеност, па затоа треба да ги засилиме напорите и интернет пристапот да го направиме достапен и финансиски прифатлив за секој граѓанин. Истовремено, треба подобро да ги промовираме нашите активности и да обезбедиме сите да бидат информирани за нив, вклучително и туристите“, порача Рокас.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер нагласи дека суштината на иницијативата е дигиталната инклузија и еднаквиот пристап до информации, образование и јавни услуги за сите граѓани, без оглед на нивните финансиски можности или местото на живеење.
„Дигиталната инклузија не се однесува на тоа дали повеќето од нас можат да пристапат на интернет каде било и во кое било време, туку дали тоа можат да го направат сите. Јавниот Wi-Fi е како јавен парк или библиотека – дел од дигиталната инфраструктура што им припаѓа на сите“, изјави Дрекслер.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информираше дека поради големиот интерес на локалните самоуправи, проектот бил проширен од првично планираните 40 на 64 општини.
„Општините понудија по три локации и со партнерите успеавме да го прошириме опфатот на 64 општини. Паралелно со развојот на електронските услуги, треба да ги подобруваме и условите граѓаните да ги користат тие услуги. Кога зборуваме за дигитализација, мора да мислиме и на човекот кој нема пристап до интернет или кому трошокот му е пречка“, нагласи Андоновски.
Како потенцијални локации за следната фаза на проширување на мрежата, Андоновски ги посочи Свети Наум, Дебарското Езеро, Маврово и Кокино, во рамките на националната стратегија „Смарт МК 2030“.






