Влезот на селото Љуботен ќе се претвори во зелена и рекреативна површина за жителите. Дивата депонија, која со години ја нарушуваше сликата на ова место, наскоро ќе стане минато, бидејќи на нејзино место Општина Бутел ќе изгради голем парк.
Ова го соопшти градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, кој преку објава на социјалните мрежи информираше дека започнува трансформацијата на влезот во Љуботен, со цел просторот претворен во депонија да стане убав и зелен парк.
Костовски истакна дека никогаш досега не се работело толку многу за Љуботен, посочувајќи ги како конкретни проекти изградбата на водоводната мрежа, која претставувала долгогодишен сон на жителите, како и асфалтирањето на сите улици и улички во селото.
Тој потсети дека пред жителите се обврзал дивата депонија на влезот во селото да замине во минатото, а на нејзино место да се изгради голем парк, каде што жителите ќе можат да го поминуваат слободното време и да се рекреираат.
Во меѓувреме, присутните жители на Љуботен му се заблагодарија на Костовски за неговиот ангажман, изразувајќи незадоволство од негрижата на претходните градоначалници кон ова населено место. Според нив, срамно е што поранешните раководители на општината не ни го посетиле овој дел од Бутел.
Тие го поздравија ангажманот на актуелниот градоначалник и посочија дека инвестициите и грижата за општината треба да бидат присутни во секое населено место, без разлика за кој дел од Бутел станува збор.
Од простор исполнет со отпад, влезот на Љуботен треба да се претвори во нова зелена оаза и место за рекреација на локалното население.






