„Нашите деца се плашат да излезат на улица. Ги носиме со автомобили насекаде, бидејќи не смееме да ги пуштиме сами. Ова не е обично врсничко насилство, туку напади кои предизвикуваат сериозна загриженост поради можните меѓуетнички тензии. Ова трае со месеци, а ние веќе не знаеме кому да се обратиме“, раскажува загрижен родител од Тетово, кој во разговор за „Фокус“ сведочи за серија напади и заплашувања на малолетни деца во градот.
Родителот, кој сака да остане анонимен поради безбедноста на своето семејство, тврди дека во изминатиот период повеќе деца биле пресретнувани, заплашувани и физички напаѓани од групи постари малолетници. Според неговите сознанија, дел од нападите имаат меѓуетничка заднина и се поврзани со ривалството меѓу навивачките групи „Балисти“, која ја поддржува Шкендија, и „Војводи“, навивачката група на Тетекс.
„Ова не е случај во едно училиште, ниту станува збор за две деца што се скарале. Ова се случува низ целиот град. Има групи што пресретнуваат деца и ги прашуваат за кого навиваат, дали за „Балисти“ или за „Војводи“. Проверуваат каква облека носат, дали имаат дресови или нешто што ги поврзува со Тетекс. И тоа им го прават на деца од десет или единаесет години“, вели соговорникот.
Тој раскажува дека и неговиот единаесетгодишен син неодамна бил пресретнат од група постари момчиња додека одел на фудбал.
„Пред една недела го пресретнаа и мојот син. Го фатиле, го малтретирале и проверувале дали има дрес од Тетекс, дали навива за „Војводи“. Тоа е дете од 11 години. Што знае тоа дете за навивачки групи? Тие што го пресретнале биле постари и неколку пати побројни. Пет-шестмина против едно дете“, раскажува родителот.
Иако неговото дете, како што вели, не се здобило со физички повреди, последиците се чувствуваат во секојдневието.
„Не беше повреден, но сега му е страв да излезе. Сам оди само до училиште, бидејќи ни е блиску. За сè друго мораме да го носиме со автомобил. Не е нормално дете да се плаши да оди на фудбал или на курс по германски јазик“, вели тој.
Според неговите тврдења, напаѓачите најчесто се на возраст од 13 до 14 години, додека децата што ги пресретнуваат се помали. Посочува и случаи во кои девојчиња биле заплашувани од групи момчиња.
Особено загрижувачки, според соговорникот, е тоа што дел од нападите наводно се снимаат со мобилни телефони, а снимките потоа се објавуваат на социјалните мрежи. Тврди дека дел од видеата се споделуваат на профили поврзани со навивачката група „Балисти“, меѓу кои споменува и профил на ТикТок со ознаката „Балисти 1992“.
„Еден снима, другите тепаат. Потоа снимките се објавуваат на ТикТок. Имаше и видео на кое дете бега, а други трчаат по него. Подоцна видеото беше избришано. Тоа се мали деца, а не луѓе што учествуваат во некакви навивачки пресметки“, тврди родителот.
Тој посочува дека располага со линкови и објави на социјалните мрежи, како и со сведоштва од други родители кои пријавуваат слични искуства.
Соговорникот е особено револтиран од, како што оценува, недоволната реакција на полицијата. Тврди дека проблемот постои уште од февруари и дека, и покрај пријавите и предупредувањата, состојбата не се подобрила.
„Цела година се случува ова. Да беше некаква организирана криминална група, досега ќе ја откриеја. А овде зборуваме за малолетници од 13 или 14 години. Зарем не можат да утврдат кои се? Како е можно ова да трае толку долго?“, прашува тој.
Родителот смета дека е неопходно во испитувањето на случаите да се вклучат и надлежни служби од Скопје, вклучително и внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи, за да се утврди дали полицијата во Тетово постапувала соодветно по пријавите.
„ Не може сè да се става под тепих. Ние овде живееме, нашите деца овде растат. Не можеме постојано да стравуваме“, вели соговорникот.
Тој тврди дека во комуникацијата со дел од полициските службеници добивал одговори дека насилство има од двете страни, но смета дека тоа не може да биде оправдување за непостапување по конкретни пријави.
Дополнително предупредува дека стравот и незадоволството кај родителите растат и дека, доколку институциите не реагираат навреме, постои опасност од нови инциденти и дополнително продлабочување на меѓуетничките тензии.
„Еден родител чие дете исто така било нападнато со часови ги барал момчињата со автомобил. Ми рече дека е подобро полицијата да ги најде пред него. Тоа е најстрашното. Некој родител во револт може да направи нешто, па потоа да настане уште поголем проблем“, раскажува соговорникот. Токму поради тоа, тој апелира институциите итно да преземат мерки, пред состојбата дополнително да ескалира.
„Ако родителите почнат сами да се организираат, тогаш ќе биде доцна. Не сакаме конфликти, сакаме децата да ни бидат безбедни“, предупредува тој.
Од СВР Тетово, во одговор за „Фокус“, потврдуваат дека во текот на 2026 година биле пријавени вкупно 12 случаи на нарушување на јавниот ред и мир и други инциденти меѓу малолетници, дел од нив со меѓуетничка димензија.
Според полициската статистика, пет од пријавените случаи се расчистени, утврдени се сторителите и преземени се законски мерки. Против родителите или старателите се поведени прекршочни постапки согласно член 34 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
Дополнително, расчистени се три кривични дела, за кои се комплетирани доказите. За две од нив веќе се поднесени кривични пријави до Основното јавно обвинителство Тетово, додека третото е во завршна фаза и наскоро треба да биде доставено до обвинителството.
Последните четири случаи сè уште се во фаза на истрага. За два од нив сторителите веќе ѝ се познати на полицијата, но се чека официјален извештај од Центарот за социјална работа за да се заврши постапката. За преостанатите два случаи, според СВР Тетово, постојат осомничени лица и се работи на целосно документирање на настаните.
Од полицијата категорично ги отфрлаат обвинувањата дека пријавите се игнорираат или дека случаите се прикриваат.
„СВР Тетово соодветно постапува за секој случај што се однесува на безбедноста на малолетните лица. Заштитата на децата, спречувањето на малолетничкото насилство и зачувувањето на јавниот ред и мир се врвен приоритет во секојдневната работа на полицијата“, наведуваат од СВР Тетово.
Оттаму објаснуваат дека постапките во кои се вклучени малолетници се водат согласно законските прописи и дека во секој случај се известуваат Центарот за социјална работа и надлежните обвинители за малолетници.
Разговорите со децата се спроведуваат во присуство на родители, социјални работници и психолози, поради што, како што посочуваат, дел од постапките бараат дополнително време.
„Секоја пријава се евидентира, се преземаат оперативни мерки на терен, се вршат разговори со малолетниците и родителите, се прегледуваат видеозаписите, вклучително и материјали од социјалните мрежи кога постојат такви индикации, и се преземаат мерки за спречување какви било нови инциденти“, соопштуваат од полицијата.
Од СВР Тетово додаваат дека во текот на годината спроведуваат и превентивни активности во основните и средните училишта, преку предавања, работилници и средби со учениците, наставниците и родителите. Активностите се насочени кон спречување на врсничкото насилство, поттикнување на толеранцијата и предупредување за опасностите од злоупотреба на социјалните мрежи.
Воедно, полицијата апелира до родителите, медиумите и јавноста да се задржи смиреноста и да не се дозволи политизирање на случаите или дополнително разгорување на меѓуетничките тензии поради инцидентите меѓу малолетниците.
„Апелираме до родителите веднаш да го пријават секој сомнителен или насилен настан директно во најблиската полициска станица или на бесплатниот број 192“, порачуваат од СВР Тетово.






