домаСпортДопри го голот – Фудбал за секое дете: Фудбалот ги поврзува децата...

Допри го голот – Фудбал за секое дете: Фудбалот ги поврзува децата и ги руши бариерите

- Advertisement -spot_img

Фудбалот како универзален јазик на пријателството, соработката и инклузијата беше во центарот на настанот „Допри го голот – Фудбал за секое дете“, реализиран од Основното училиште со ресурсен центар „Иднина“, Скопје, со поддршка на Фудбалската федерација на Македонија и УЕФА Фондацијата за деца (UEFA Foundation for Children).

На настанот учествуваа ученици со типичен и атипичен развој од седум училишта од Скопје, Куманово и Кратово: ООУ „Живко Брајковски“ – Бутел, ООУ „Кочо Рацин“ – Петровец, ООУ „Кочо Рацин“ – Кратово, ООУ „Имри Елези“ – Чаир, ООУ „Васил Главинов“ – Чаир, ООУ „Киро Глигоров“ – Центар и ОУРЦ „Иднина“ – Скопје.

Преку заеднички фудбалски активности, учениците, наставниците и образовните асистенти испратија силна порака за важноста на инклузијата, врсничката поддршка, тимскиот дух и еднаквите можности за секое дете. Ревијалните фудбалски активности беа можност децата да се дружат, да соработуваат и да создаваат нови пријателства, потврдувајќи дека на фудбалскиот терен има место за сите.

Директорката на ОУРЦ „Иднина“, Лорета Андреевска, истакна дека главната цел на проектот е да им овозможи на децата заедно да играат, да се запознаваат, да соработуваат и да градат нови пријателства.

„Верувавме дека фудбалот може да биде многу повеќе од спорт. Преку играта децата најприродно учат да се почитуваат, да си помагаат, да се охрабруваат и да бидат дел од тимот. За нас, ова не е само фудбалски натпревар, туку можност да покажеме дека инклузијата не е само нешто за кое зборуваме, туку нешто што заедно го создаваме,  преку учество, меѓусебна поддршка и прифаќање“, порача Андреевска, упатувајќи благодарност до ФФМ и УЕФА Фондацијата за деца за поддршката, како и до сите училишта, наставници, стручни лица и соработници вклучени во реализацијата на проектот.

Поддршката за ваквите иницијативи е дел од заложбите на Фудбалската федерација на Македонија за промовирање на социјалната инклузија и создавање можности што ќе му овозможат на секое дете да биде дел од фудбалската игра.

Ирена Бакревска Милошевска, менаџер за социјална одржливост при ФФМ, ја истакна важноста на поддршката и еднаквите можности за сите деца.

„Многу сме среќни што денес сме тука заедно со вас, а во исто време горди што Фудбалската федерација на Македонија и УЕФА Фондацијата за деца го поддржаа овој проект, кој на децата им отвора повеќе можности за фудбалска игра, дружење и заеднички моменти. Веруваме дека фудбалот е најубав кога сите имаат шанса да се вклучат, да бидат прифатени и да се чувствуваат како дел од тимот. Само тогаш кога му даваме можност на секое дете да учествува, сите сме победници“, истакна Бакревска Милошевска.

Како признание за учеството, вложениот труд и посветеноста во текот на проектот, на сите ученици им беа доделени медали. Најважната награда, сепак, беа радоста од играта, заедничките моменти и новите пријателства.

„Допри го голот – Фудбал за секое дете“ уште еднаш потврди дека фудбалот е многу повеќе од постигнување голови и резултати. Тој е простор за прифаќање, поддршка и заедништво, место каде што секое дете заслужува можност да игра, да припаѓа и да биде дел од тимот.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img