Јотова нема да отстапи ниту сантиметар од позицијата за Македонија, го посочи Кирил Петков како слаба алка во преговорите – тој ѝ одговори со најава за тужба.
Кандидатката за претседател на Бугарија, Илијана Јотова, во предизборната дебата на Бугарската национална телевизија порача дека нема да има отстапки кон Скопје, и покрај обидите, како што рече, да се стават настрана одредени протоколи.
Според Јотова, бугарската позиција во 2022 година била спасена во последен момент, со интервенција на тогашниот претседател, а сегашен бугарски премиер Румен Радев. Го обвини тогашниот премиер Кирил Петков дека сакал да ја предаде бугарската позиција, која, според неа, била спасена во „пет до дванаесет“.
Илијана Јотова кандидатка за претседател на Бугарија : Во моето лице гледате човек кој нема да отстапи ниту сантиметар од договореното. И покрај тоа што Скопје прави многу сериозни обиди да тргне настрана одредени протоколи. Министерот за надворешни работи на вашата тогашна влада не излегуваше од кабинетот на господин Радев, за сите низ заедно да работиме на францускиот предлог, како впрочем и со многу колеги од кабинетот на францускиот претседател г-динот Макрон. Господин Петков беше со мене во Скопје и јас од прво лице можам да кажам како беше на секунда до тоа да ја продаде бугарската позиција.
Од друга страна, противкандидатот Андреј Ѓуров, поранешен премиер на техничката влада во Бугарија, но и екс-претседател на пратеничката група на „Продолжуваме со промената“ во времето на Кирил Петков, порача дека тогашната влада била изложена на напади и обвинувања за предавство на бугарските интереси, додека денес сите партии во Бугарија го поддржуваат францускиот предлог.
Андреј Ѓуров кандидат за претседател на Бугарија : Тогаш претрпевме многу напади и обвинувања дека се предава бугарскиот интерес. Сега кога веќе го имаме францускиот договор,постфактум сите партии и во Европскиот параламент, а сега слушаме и од г-ѓа Јотова, безрезервно го поддржуваат и велат дека тоа е едно добро решение за Бугарија. Факти. Фактите се дека ние сега имаме договор кои сите го поддржуваат. Вклучително и оние кои тогаш го напаѓаа.
Екс бугарскиот премиер Кирил Петков ѝ возврати на Јотова со најава за тужба. Ја обвини дека се служи со невистини во предизборната кампања и откри дека веќе се консултирал со правен тим за подготовка на тужбата.
Кирил Петков поранешен премиер на Бугарија : За време на мојата влада успеавме бугарската позиција за Северна Македонија да стане заедничка позиција на целата Европска Унија. Госпоѓа Јотова се обиде овој неспорен бугарски успех да го претстави како национално предавство. Ова е лага што лесно може да се докаже.
Јотова пак оцени дека и по потпишувањето на Договорот за добрососедство нема подобрување во односите со Македонија. Како главни проблеми ги посочи, според неа, говорот на омраза и нападите врз лица со бугарско потекло. Го наведе случајот со Христијан Пендиков, но случајот со Ива Михајлова не го спомна.
Илијана Јотова и Андреј Ѓуров ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори во Бугарија, во недела на 1 ноември.






