Утрово припадници од Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност – МВР спроведуваат претреси на повеќе од 10 локации во Скопје, Тетово и во Куманово.
Под истрага, според првичните информации, се одговорни лица од приватна болница и вработени во Фондот за здравствено осигурување, осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.
Според неофицијалните информации, штетата врз буџетот надминува 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата материјална корист за болницата се проценува на околу 4 милиони евра. Оштетени се и поголем број пациенти кои се лекувале во болницата.
Како што дознаваат медиумите, првопријавен е Ден Дончев, поранешен директор на ФЗОМ, во време на Владата на СДСМ.
Според првите информации, осомничени се и Р.А. – поранешен претседател на управен одбор на ФЗО, В.Ќ. – поранешен управител на Санте, С.Б. – поранешен сопственик и овластено лице во болницата, С.А. – сегашен управител, Г.А. – поранешен директор на болницата, Ц.С. – поранешен раководител на Сектор за контрола во ФЗО, Ж.С. – поранешен директор на ФЗО подрачна единица Скопје, како и И.П. – сегашен раководител на подрачна единица Скопје.
Повеќе детали се очекуваат во текот на денот.






