Надзорни камери на повеќе од 200 локации во Скопје треба да помогнат во спречувањето на создавањето диви депонии и уништувањето на јавната урбана опрема. Градот ја чека конечната согласност од Агенцијата за заштита на личните податоци, по што треба да почне поставувањето на камерите на критичните точки.
Ова денеска го најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека со надзорот ќе бидат опфатени местата на кои често се создаваат диви депонии, како и парковите што се изложени на вандализам. Како пример за несовесното однесување на поединци, Ѓорѓиевски ја посочи фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк, која неодамна беше обновена, но урбаната опрема околу неа повторно била оштетувана со графити.
„Ја обновивме по толку години, прекрасно изгледа и тоа е еден од препознатливите белези на град Скопје. Откако ја обновивме, трипати досега со графити ги исцртуваат клупите што постојано ги бојадисуваме преку нашето јавно претпријатие“, вели Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека, покрај мерките за спречување на ваквите појави, неопходно е да се работи и на подигнување на свеста кај граѓаните за зачувување на јавниот простор.
„Град Скопје не е на Орце, ниту на некоја политичка партија. Градот е на сите скопјани и, како што си го чуваме својот дом, така треба да си го чуваме и градот“, истакна градоначалникот.
Според него, средствата што се издвојуваат за поправка на оштетената урбана опрема и за отстранување на последиците од несовесното однесување би можеле да се искористат за нови проекти и уредување зелени површини.






