домаМакедонијаТрајно решение за професионалните војници со навршени 45 години – Мисајловски најави...

Трајно решение за професионалните војници со навршени 45 години – Мисајловски најави нова реформа во Армијата

- Advertisement -spot_img

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денескана прес-конференција во Владата најави реформа во македонската Армија со која на професионалните војници кои навршуваат 45 години старост им се отвора нова можност со која ќе можат да продолжат да работат во рамки на Армијата сè до нивно пензионирање. Тоа, рече Мисајловски, е трајно решение кое ги решава предизвиците со кои се соочуваа професионалните војници во македонската Армија.

„Ова решение засекогаш после повеќе децении ги решава предизвиците со кои се соочуваат професионалните војници. Професионалните војници се столбот на Армијата и во најголемиот дел од својот професионален ангажман даваат сè за ние да бидеме безбедни, помагаат секогаш и секаде каде што им се потребни на граѓаните. Реформата значи дека македонските професионални војници конечно и заслужено ќе можат да бидат задоволни и да бидат сигурни во својата иднина и по 45-тата година“, истакна министерот.

Тој додаде дека освен оваа нова можност, во сила остануваат и досегашните можности за испратнина во висина од две просечни плати за секоја година мината во Армијата, како и можност за вработување во органите на државната и локалната власт.

Деталите на реформата ги објасни началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски кој истакна дека оваа дополнителна можност овозможува професионалните војници да останат во Армијата како дел од обезбедувањето на имотот и лицата во касарните и гарнизоните на Армијата.

„Со оваа реформа ќе се реши едно од клучните барања на професионалните војници коишто навршуваат 45 години, а тоа е да им се промени работниот статус од определено на неопределено време. Со ова предлог решение всушност многу важната обврска за обезбедување на имотот и лицата на Армијата во гарнизоните и во касарните ќе биде преземена токму од професионалните војници коишто ќе бидат распоредени во единиците коишто ќе бидат одговорни за обезбедување на имотот и лицата во касарните и во гарнизоните“, истакна началникот на Генералштаб.

Лафчиски додаде дека ставот на сите генерали и офицери кои имаат командни и раководни должности е дека не постои подобар и пообучен персонал за извршување на овие задачи од професионалните војници кои ќе одлучат да останат во рамките на Армијата како цивилни лица.

Согласно заклучоците донесени на Влада, Министерството за одбрана во рок од еден месец треба да ги поднесе измените на армиската формација до претседателката и Врховен командант на Армијата, додека истовремено се врши и измена на Правилото за обезбедување на објекти, материјални средства и луѓе на Армијата, информираат од министерството.

„Реформата поддржана од претседателката и врховен командант на Армијата е резултат на заедничката работа на Министерството за одбрана со синдикални здруженија во одбраната, како и на опсежна анализа на Генералштабот на Армијата, со што се гарантира нејзината долгорочна одржливост“.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img